Skip to main content

ЕЛЕМ ќе гради современ Конгресен Центар во Охрид

Во населба Далјан, Електрани на Македонија ЕЛЕМ, ќе инвестира во изградба на современ Конгресен Центар. За таа цел веќе е распишан и оглас за избор на проектантска куќа што ќе го изработи основниот проект, вклучувајќи ја и неговата ревизија.

 |  Николоска Биљана  | 

Се поизвесна станува изградбата на современиот Конгресен центар во Охрид. До Електрани на Македонија во врска со реализација на овој проект било доставено само едно идејно решение од страна на архитектката Ивана Ралевиќ која ја понесе и наградата во висина од 700.000 денари. Следува фазата на избор на проектантско биро кое што ќе го подготви основниот проект, за што веќе е распишан и оглас. Државната компанија за подготовка на основниот проект е предвидено да издвои околу 18 милиони денари. Договорот со проектантската куќа ќе биде со времетраење од 12 месеци.
Инаку, првичните информации кои ги обзнани охридскиот градоначалник Никола Бакрачески на почетокот на февруари минатата година, за изградба на модерен Конгресен Центар во Охрид, се потврдуваат. Според неговите најави, со реализација на овој капитален проект ќе се даде нов импулс за поттик и развој на конгресниот туризам во Охрид, преку изградба на еден современ објект во кој е предвидено да има голема сала со капацитет од 1.500 до 2.000 седишта и од четири до шест помали сали со капацитет за 200 лица.