ЕЛЕМ: Нивото на водата во Охридското Езеро е под контрола
Нивото на водата во Охридското Езеро е под контрола. Денес тоа изнесува 693,82 , односно 7 сантиметри над максимално дозволената кота. АД ЕЛЕМ што стопанисува со хидроцентралите Глобочица и Шпиље во рамки на нивните надлежности убедуваат дека прават напори нивото на езерото да го држат во оптимални вредности преку регулирање на испустот на вода во реката Црн Дрим.
Нивото на Охридското Езеро и реките кои се вливаат во него се следи и се преземаат потребните мерки во случај да продолжат ваквите временски услови, кажа Градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски Тој денеска оствари средба со раководните структури на АД ЕЛЕМ.
„Нашата поголема будност се однесува на реките и каналите што се влеваат во Охридското Езеро. За жал, ние немавме тендер минатата година, и не беа исчистени каналите онака како што треба, но ние цело време ја следиме состојбата, среќа што досега немавме поголеми поплави беа преземени мали зафати на Коселска река, Даља, Грашница и ги имаме идентификувано клучните критични точки кои што по завршуве на топењето на снеговите ќе пристапиме кон чистење на каналите и на реките“.
Брзиот раст на нивото на Охридското Езеро поради наглото топење на снеговите од планините и поројните дождови континуирано се следи од АД ЕЛЕМ. Дирекоторот Драги Миноски истакна дека била формирана работна група задолжена секојдневно да ги следи состојбите, да врши анализа и проценка, со цел да биде намален ризикот од евентуални поплави како долж крајбрежјето на езерото така и по течението на реката Црн Дрим.
„Го оптимизираме нашето производство со оглед на тоа дека и нашите електрани во изминативе два месеци работат на максимално ниво ја преработуваме водата која што доаѓа во Охридското Езеро меѓутоа дел од таа вода поради високиот доток сепак се задржува и правиме напори да ја задржиме при тоа да не направиме штета на Охрид и Струга ниту по течението на Дрим. Големите води и производство на крај ќе резултира со поголемо производство од хидро електраните кои ќе произведат поефтина електрична енергија која на крај би резултирала со поефтина цена на електричната енергија и за крајните потрошувачи“
Временската прогноза за наредниот период предвидува обилни врнежи на дожд што ќе ја усложнат состојбата. Од ЕЛЕМ најавуваат дека подготвени биле да се справат со тоа и да го контролираат водостојот на езерото преку преземање на соодветни мерки.