Skip to main content

Образование, енергетика

Енергетски предизвици во основните училишта

Охридските основни училишта се придржуваат на задолженијата за намалување на потрушувачката на електрична енергија. Но потребни се долгорочни решенија за енергетска ефикасност како би се справиле со поскапувањата.
 |  инфодеск  | 
Христо Узунов

Основните училишта во Охрид, во рамки на своите можности и надлежности се придржуваат на усвоениот сет препораки и задолженија за намалување на потрошувачката на електрична и топлинска енергија кои веќе стапија на сила со почетокот на новата учебна година. Во Основното училиште „Христо Узунов“ веќе ги исклучуваат непотребните светилки во школскиот комплекс, а директорката Марина Ѓоргоска истакнува дека од голема помош за постигнување на заштедите на предвидените 15% ќе биде и енергетско инфраструктурно подобрување на капацитетите на училиштето како дел од проектот од Светска Банка.

„Во кој проект спаѓаат поставување фасада на целосното училиште и спортската сала со што ќе добиеме заштеда до 30% и во топлотната и во електричната енергија, исто во проектот предвидена е промена на внатрешната дограма и ново лед осветлување, сметам дека ќе се постигне заштедата од 15% како што е предвидено од владата“, посочи Марина Ѓоргоска директорка на ООУ„Христо Узунов“- Охрид.

Најавено е проектот да започне со реализација за време на зимскот распуст, а ги опфаќа и основните училишта „Св Климент Охриски“ и „Братство Единство“ Охрид.

Поскапувањето на енергенсите и најавите за тешки зими кај нас и во Европа наметна потреба да се работи на долгорочни решенија за енергетска ефикасност.

„Сметките за струја, енормно се покачени, ние тука можеме да се справиме единсвено со намалување на осветленоста на училиштето за време на вечерните часови. Тука веќе заедно со општината сме вклучени во изработка на студија за изработка на енергетски ефикасно училиште па се надеваме дека во наредните 2-3 години тоа ќе се имплементира и ќе станиме енергетски ефикасно училиште со цел да се намалат тие трошоци.“, вели Јордан Пуроски, директор на ООУ „Св.Климент Охридски“.

Јордан Пуроски Директор

И од основното училиште Григор Прличев велат дека вложуваат напор максимално да се намали потрошувачката на енергија искористувајќи ги сите можни начини. Во развојниот план на училиштето веќе е внесена идејата за вградување на фотоволтаици, но потребно е да се разработи начинот на реализација, вели Директорката Лилјана Ефтимовска.

Помеѓу родителите се шират информации дека можни сценарија за претстојната зима се продолжување на зимскиот распуст или враќање на он лајн настававата како во пандемијата.

Меѓутоа во јавноста преовладува ставот дека и во енергетска криза, а заради квалитетот на настава училиштата се последни кои би се затвориле.