Skip to main content

Енормната урбанизација го урива имиџот на Охрид како воздушна бања

И оваа зима голем дел од македонските градови ќе бидат најзагадени во Европа. Експертите велат дека за намалување на загадувањето на амбиенталниот воздух нема волја за конкретни промени. На граѓаните им останува да се надеваат на поволни климатски услови односно ветрови во текот на зимата.
 |  Маја Савиќ  | 
Охрид од стар град

Мерната станица за следење на квалитетот на воздухот, која лани ја постави МЖСПП во Охрид, покажа дека и во убавиот град на Охридското езеро се дише загаден воздух. Причина за тоа се енормната урбанизација, несоодветното урбанистичко планирање, намалување на зелената инфраструктура и сообраќајот. Урбаните блокови со висококатници го уриваат имиџот на Охрид како воздушна бања.

„Пренагласената урбанизација, изградбата на високи градби во крајбрежниот појас, влијаат ружата на ветрови да не се реализира како што природата налага во овој микроклиматски регион. И практично сите овие емисии на издувни гасови и од сообраќајот и од домаќинствата останува заробен во коридорот на крајбрежниот појас и жителите на градот се изложени на негативните ефекти на загадувањето“, изјави Кирил Ристовски од Центар за еколошка демократија „Флорозон“ – Скопје.

Експертите како една потенцијална мерка против загадувањето на воздухот укажуваат на Законот за урбано зеленило, кој во моментов е во процедура на дополнување и измени со цел да се ограничи неконтролираната урбанизација на сметка на урбаното зеленило. Се предлага зголемување на јавното зеленило на 50 м2 по глава на жител и ограничувачки одредби во делот на урбанистичкото планирање.


„ За жал спрегата помеѓу инвеститорите и локалните власти секогаш поминува под радарот на институциите, преќутно или договорно, не знаеме, значи тоа е предмет на корупција која допрва треба да се истражува. Практично, во моментов имам информации дека во општина Струга се изведуваат градежни зафати на самиот брег во Радожда.“ – вели Ристовски.

Значаен фактор за загадувањето е и енергетската сиромаштија. Деновите со енормно загадување на воздухот започнуваат со спуштањето на живата во термометрите бидејќи врз квалитетот на мабиенталниот воздух значително влијание имаат и домаќинствата кои за загревање користат несоодветни материи, а инспекторите не можат да го спречат тоа.


„Доколку имате информација дека некој во својот дом пали одредени недозволени дрва или отпаден материјал инспекторот нема можност да влезе дома, да направи увид. Значи тој може да побара да го пуштат во домот, доколку не го пуштат во домот тој не може внатре да инспектира што гори самата печка. Што значи, и да сакаат надлежните органи немаат овластувања да постапат. Проблемот е комплексен и треба на повеќе нивоа на се реѓава, започнувајќи од законската регулатива, надлежноста на инспекциските служби, совеста на граѓаните да пријавуваат и тн.“, изјави Проф. д-р Марина Малиш Саздовска-Факултет за безбедност Скопје.

Охрид од лани е вмрежен во државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух кој го управува Министерството за животна средина, но на станиците им е потребно надоградување за да мерат поголем дијапазон на загадувачки супстанции. Во 2019та година на 11 локации во градот беа поставени сензори за следење еколошки параметри со европски пари во проектот AIRTHINGS кој требаше покрај обезбедување realtime податоци за загадувањето да се користи за анализа, адресирање на загадувањето на воздухот и носење на соодветни одлуки од јавните власти, граѓаните и бизнис заедницата. Во Струга пак, квалитетот на воздухот се следи преку индикативна мерна станица и податоците од метеоролошка станица.