Решен проблемот со слабото водоснабдување на жителите од Долно Лакочереј
Локалната самоуправа склучи спогодба со ЕВН за да го подмири долгот направен во минатото за двете бушотини од кои дополнително се црпи вода. Водоснабдувањето во останатите рурални средини со кои стопанисува МЈП Проаква се одвива без проблеми.
Недостатокот од вода за пиење во водоводната мрежа во Долно Лакочереј е решен, информираат од МЈП Проаква. Во летните месеци , жителите од оваа месна заедница, во чешмите имаа слаб проток на вода за пиење. Тоа се должеше, пред се заради старата навика да ги полеваат зелените површини и земјоделски насади со вода од водоводната мрежа. Се трошеа резервоарските количини на вода во системот за водоснабдување, информира Владимир Алексијоски директор на МЈП Проаква. За жителите да имаат норамално водоснабдување мораше да се употреби дополнително користење на вода од две бушотини за кои мораше да се плати стар долг од потрошена електрична енергија, посочува Алексијоски.
„ Вкупно се од две места преку 3 милиони денари. Локалната самоуправа презеде на свој товар да ги плати сметките на рати во согласност со ЕВН за да може редовно да се снабдува населението од месната заедница“, вели Алексијоски.
Жителите од приградските средини со чии водоводи стопанисува МЈП Проаква сеуште ја имаат старата навика да ги полеваат бавчите и земјоделските површини со вода од водоводната мрежа, вели Алексијоски. Додава, дека сеуште на терен се откриваат и диви приклучоци на системот за водоснабдување.
„ Може да се пофалам дека се мали поплаките и брзо реагираме. Има проблеми од населението кое самоволно врши пререгулација во шиберските шахти. Ќе ја направиме регулација, но истата вечер од населението се чепка и има проблеми но, ги решаваме. Многу поплаки нема оваа година“, рече Алексијоски.
За да се нормализира водоснабдувањето на жителиет во Лескоец , МЈП Проaквa изградило втора водоводна линија. Старата линија ќе ја исклучиме бидејќи имаше доста диви приклучоци, вели директорот на МЈП Проаква.