Skip to main content

Етнологија

Етно сувенирите на чичко Стојан

Плаќанецот Стојан Ѓорѓиески во својата малечка работилница во Охрид повеќе од една деценија изработува најразлични етно сувенири.
 |  Голабовски Крсте  | 
Стојан Ѓорѓиески

Плаќанецот Стојан Ѓорѓиески во својата малечка работилница во Охрид повеќе од една деценија изработува најразлични етно сувенири. Станува збор за минијатури на можеби пред неколку децени некои од најмногу употребуваните предмети во домаќинствата. Разбои, каци, бочви за чување вино и ракија, сачови, ковчези, во кои некогаш девојките грижливо го чувале приќето, предмети и делови од покуќнина кои веќе исчезнуваат не само од домовите туку и од нашите сеќавања. Ѓорѓиески кажува дека посебна мотивација немал, првите пензиски денови биле мотив сами по себе, тој да продолжи да го прави она што најдобро знае со своите раце. Неговите изработки стигнале преку неговиот внук и на Златибор соседна Србија, на што чичко Стојан е многу горд.

„Пред 9-10 години имав еден внук на Златибор, му дадов една гарнитура таму, претежно таму се занимаваат со старите начини на обработка на земја, иако сега и таму има трактори, и му даде градоначалникот некоја награда, па тој парите ми ги даде мене, зошто јас не му зедов пари, внук ми беше, па беше и на таа емисијата „Жикина шареница“ и беа многу задоволни со тоа и со разбојчето горе“ – вели Стојан Ѓорѓиески.

Ѓорѓиоски најмногу сака да работи со дрво. Ноќви, таруни или кај нас познат како бљуд, елемент кој домаќинките го користеле и некои сеуште го користат како основа на која месат леб и сукаат, предмети кои некогаш биле основни елементи на ентериерот и симбол на традиционалната македонска „куќа”, Ѓорѓиовски и денес ги изработува. Не му треба многу време за изработка на еден сувенир.

„За работа претежно користам буково дрво, тоа е поздраво, поквалитетно и потрајно.„Разбојов еве требит еден ден. Вакви работи мината година ми заедоа за осми март, а оваа година за Велигден ги изработив овие во вид на каче, како кошниче украсно и така“, објаснува Стојан Ѓорѓиески.

Празни се македонските села вели чичко Стојан. Непресушниот извор на неговата инспирација родното Плаќе, сега луѓе го посетуваат само во лето. Па така, чичко Стојан од неодамна почнал да пишува и поезија и проза, за родното село, за луѓето кои ги знаел, за убавините каде пораснал.Работел во многу професии. Работел како градежник во битолска „Пелагонија“, каде го научил и заварувачкиот занает и дрводелството, за да пензијата ја дочека во охридска поранешна „Слобода“ како шофер, патувајќи низ цела поранешна Југославија. Преку неговата ќерка, неговите изработки може да се видат на социјалните мрежи.