Skip to main content

Заштита на пештерските екосистеми и загрозените видови во НП Галичица

Евидентирана нова пештера во Националниот парк Галичица

Пештерата се наоѓа во близина на виа-фератата Доброја. Пештерскиот екосистем е зачуван во неговата природна форма, без евидентирани човекови влијанија.
 |  инфодеск  | 
Пештера Галичица

Во текот на научните истражувања коишто се спроведуваат во рамките на проектот „Заштита на пештерските екосистеми и загрозените растителни и животински видови во Националниот парк Галичица од негативните ефекти на климатските промени“, спелеолозите од Истражувачкото друштво „Урсус спелеос“ евидентираа нова пештера во Националниот парк Галичица.

Алпинистичка Пештера е новооткриената пештера. Таа се наоѓа во близина на виа-фератата Доброја.

„Пештерскиот екосистем е зачуван во неговата природна форма, без евидентирани човекови влијанија. Во разгранетите пештерски канали има драперии, травертински басени, сталактити и сталагмити. Температурата на воздухот е пониска од 16°C, така што во топлите летни месеци истражувањата во пештерата претставуваат вистинско задоволство.“ – велат од Црвен Крст Охрид кои заедно со истражувачкото друштво го спроведуваат проектот.

Проектот „Заштита на пештерските екосистеми и загрозените растителни и животински видови во Националниот парк Галичица од негативните ефекти на климатските промени“ е поддржан од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT, a го спроведуваат Црвен крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Охрид и Истражувачко друштво „Урсус спелеос“ – Скопје, во соработка со Национален парк Галичица.