Skip to main content

ЕВН ја исклучи струјата во наплатната служба на Охридски комуналец

Да биде проблемот уште поголем, во истата зграда, во непосредна близина на градскиот пазар, се сместени и вработените од наплатната служба на јавното претпријатие Градски гробишта.

 |  Мишел Наумоски  | 
nema struja
нема струја

Температурите паѓаат, часовникот се врати еден час наназад, па и брзо се стемнува. Ако ова не ви изгледа како некој проблем, тогаш замислете да немате струја во просторијата во која работите. Стана малку пострашно нели? Токму со ваков проблем се соочуваат вработените во јавното претпријатие Охридски комуналец поради неплатен долг кон ЕВН. Но не се само тие.

Истиот проблем го делат и вработените во наплатната служба на јавното претпријатие Градски гробишта бидејќи се сместени токму во просториите на Комуналец кај градскиот пазар. Побаравме одговор од портпаролот на ЕВН, Атанас Ковачевски зошто Охридски комуналец е исклучен од системот за снабдување со електрична енергија.

EVN KEC„Како и за сите корисници на ЕВН Македонија, домаќинствата, бизнис корисниците, оние корисници кои спаѓаат во категоријата на јавни установи, јавни претпријатија, сите подлежат на истите законски одредби кои се одредени со Законот за енергетика. По неколку опомени или непочитување на некои потпишани спогодби да бидат исклучени од системот за снабдување со електрична енергија. Така и со ова претпријатија, јавно претпријатие од Охрид. Се водат некои разговори, преговори за да можат да се уплати одредена сума и потоа да се расчистува веднаш долгот, па ако тоа се направи ќе бидат сигурно приклучени во системот.“-рече Атанас Ковачевски, портпарол на ЕВН Македонија.

Првиот човек на ЈП Охридски комуналец, Сашо Алче вели дека многу јавни претпријатија, болници и други установи, се должници кон ЕВН, но вели, само ние сме исклучени.

Komunalec naplatna„Јавното претпријатие има договор со ЕВН за плаќање на долг од минати години. Значи не зборуваме за понов долг, туку за долг од пред десетина години и наназад. Меѓутоа исто така и ЕВН има долг спрема јавното претпријатие. Побаравме да се направи изјава за компензација, нивниот со нашиот долг, тие не прифатија и еднострано ја исклучија струјата во ЈП Охридски комуналец во наплатната служба.“-вели директорот на ЈП Охридски комуналец, Сашо Алче.

Алче додава дека засега компјутерите во наплатната служба се напојуваат со струја од друго јавно претпријатие, па немаат проблеми во однос на функционирањето, но изрази надеж дека ќе има брзо решение на проблемот. Иако засега струјата е исклучена само во ова јавно претпријатие, од ЕВН велат дека тоа не значи дека ќе нема други исклучувања.

nema struja„Засега нема други јавни претпријатија од Охрид кои се надвор од снабдување со електрична енергија поради неплатени долгови, но тоа не значи дека ако веќе некои долгови достасале дека нема да бидат исклучени. Значи како за домаќинствата, така и за сите наши корисници важат одредбите од законот, дека по неколку опомени или поминување на рокот кога треба да се плати долгот за потрошена електрична енергија, можат да бидат исклучени од системот за снабдување.“-рече Ковачевски.

На крајот на краиштата, кој-кому и колку должи се чини е најмалку важно. Она што загрижува е како ќе функционираат наплатните служби на овие јавни претпријатија доколку не се најде брзо решение на проблемот. Мора да се има на ум дека зимата, допрва ни доаѓа.

{loadposition content9}