ЕВН ги исклучи од струја сите водоснабдителни системи во Дебрца
ЕВН денес ги исклучила сите водоснабдителни системи во Дебрца. Без вода покрај жителите на Дебрца останале и болницата “Св.Еразмо” и Меѓународниот аеродром “Св.Апостол Павле”.
Градоначалникот на Дебрца Зоран Ногачески објави дека станува збор за долг од 2.000.000 денари, кој на ЕВН и било предложено Јавното комунално претпријатие да го сервисира на месечни рати. Според градоначалникот оваа постапка на ЕВН е спротивна на Правилата за снабдување со електрична енергија.
Пред три месеци со одлука на советот на општината Дебрца го презедовме долгот на ЈКПД Дебрца за неплатена електрична енергија кон ЕВН, во износ од преку 18.000.000 денари и истиот редовно го сервисираме, вели Ногачески.
Со цената на водата која ја утврдува Регулаторната комисија од 19 денари за м3 и индустриската цена на електричната енергија за водоснабдување и блокирана сметка не само нашето, туку ниту едно јавно претпријатие не може да излезе на крај. Дали вака постапувате и кон другите водоводни претпријатија, кои ви должат милионски суми во евра за електрична енергија, прашува градоначалникот.