Европски и Крив слатководен рак-наши малку познати соседи
Охриѓани се запознаа со европскиот и кривиот слатководен рак кои живеат во Охридското Езеро.
Astacus astacus и Potamon fluviatile, изгледаат чудно исто како што звучат. Ова се двата видови на слатководни ракови кои што живеат кај нас. Првиот, Astacus astacus или Европски слатководен рак се среќава почесто, додека Potamon fluviatile или Кривиот слатководен рак е далеку поредок.
Европскиот рак може да се сретне низ целото Охридско Езеро, додека Кривиот се среќава исклучиво на територијата помеѓу Калишта и Радожда, а го има и во целиот албански дел. Овој рак пред околу 25 години го имало во многу поголеми количини, но отприлика во тој период во скоро сите води во Европа се појавила чумата која е виновна за неговата девастација.
„После преболувањето на таа болест веќе колониите на ракчиња се зголемуваат и ги има скоро насекаде. Не во оној број и онаа количина во која што ги имаше пред дваесетина години, но сепак радосни сме затоа што при скоро секое нуркање и секаде скоро во целото Охридско езеро го има веќе.“-рече Милутин Секулоски од нуркачкиот центар „Амфора“.
Промоцијата на ракчињата се спроведува како соработка помеѓу нуркачкиот центар „Амфора“ и секторот за животна средина при општина Охрид, а во насока на одбележување на Светскиот ден на биолошката разновидност, 22 мај.
„Целта на ваквите проекти е да ја потенцираме големата биолошка разновидност на живиот свет кој што живее во Охридското езеро и во Охридскиот крај и до луѓето значи до граѓаните и пошироко до туристите да ги доближиме овие ретки видови кои што се прилично непознати за пошироката јавност.“-вели Јасмина Трајкоска-Момироска, виш соработник за животна средина при локалната самоуправа во Охрид.
Инаку, овие слатководни ракчиња воопшто не се опасни и се исклучително интересни за набљудување. Најголемите колонии на овој вид на рак се наоѓаат помеѓу 5 и 12 метри длабочина. Кривото слатководно ракче некогаш било користено за јадење иако имало забрана за негово ловење, а сега поради малите количини тоа не е случај.
{loadposition content9}