Европски самит за придобивки од дигитализација
Дигиталната трансформација на нашите општества веќе одамна не е само технолошка визија на поединци или предмет на академски и стручни дискусии за иднината, туку е наша реалност, истакна претседателот на државата, Стево Пендаровски, на Европскиот самит за дигитализација на судството.
Настанот е на тема „Придобивките од 4-та индустриска револуција како механизам за враќање на довербата во правосудството. Организацијата е на Министерството за правда, а под покровителство на претседателот на државата и со поддршка на мисијата на ОБСЕ во Скопје.
„Дигитализацијата не само што ја олесни, забрза и направи широко достапна комуникацијата, туку многу позначајно, суштински го промени начинот на кој работиме, размислуваме и ги градиме нашите вредносни системи“, истакна претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање.
„Клучната промена ја донесе големата здравствена криза од 2020-та, низ која се’ уште поминуваме како последица на пандемијата на КОВИД-19. Сите релевантни податоци од последните две години потврдуваат дека пандемијата не беше голем предизвик само за нашите здравствени системи, туку и предизвик за државната управа и за правосудството во целина“ – објасни Пендаровски.
Министерот за правда, Никола Тупанчески во своето обраќање порача дека државата треба да направи се’ дигиталната технологија да ја стави во функција и на пристап до правда на граѓаните. Дигитализацијата во правосудството ќе ги забрза постапките на сите нивоа, ќе го олесни доставувањето на докази и документи, комуникацијата меѓу засегнатите страни и институции и ќе ја подигне правната сигурност и довербата на граѓаните во правосудството.
Периодот во кој живееме, а особено изминатите две години на пандемија, ни потврдија дека дигиталниот напредок треба максимално да се стави во функција на подобрување на животот на граѓаните, смета Тупанчески и посочи на реализацијата на Планот за дигитализација на правосудството.
„Во моментов, има во пет основни судови инсталирана ИКТ опрема, во судниците во Кавадарци, Струмица, Штип, Кривичниот и Граѓанскиот суд во Скопје. Во најава е дигитализација за 186 судови, 34 судови кои се замислени во наредениот период да се дигитализираат. Оваа алатка, процес на дигитализација претставува решение кое ќе помогне во отстранување на сите недостатоци кои на некој начин значат стагнација на судството и другите форми на надградба на ефикасноста во судските процеси“ – рече министерот.
Лазар Нанев, претседател на УО Академијата на судии и јавни обвинители, истакна дека Владата пред една година го усвои Оперативниот план за дигитализација на судството. Тоа е скап систем кој бара финансиски и човечки ресурси, кажа Нанев.
„Станува збор за најсовремена аудио и визуелна опрема која не постои во регионот. Ќе бидеме лидери и ќе покажеме дека правниот систем, судството и јавните обвинители ќе ги корисат најсовремените дигитални алатки“- кажа Нанев.
Во 2022 година за дигитализација во судството се предвидени 130 милиони денари, од кои 90 милиони денари за набавка на нови сервери за 24 судови и за Судскиот совет, 20 милиони денари за опремување на судските сали за обезбедување функционалност на опремата за аудио и визуелно снимање на судски рочишта и 20 милиони денари за набавка на компјутери, принтери и скенери.