F1-H2O во одговор за ТВМ: Трката за Големата награда на Албанија е откажана
По информацијата дека Tрката во Формула 1 со високо-туражни моторни чамци која требаше да се одржи на Охридско Езеро кај Поградец, е откажана, која ја сподели екологистот Никола Киселинов , ТВМ телевизија побара официјална потврда од организаторот F1-H2O.
Статусот на трката, која според календарот на организацијата F1-H2O беше закажана за почетокот на јули, на официјалниот сајт на организаторот подолго време беше како „непотврдена“, а од неодамна воопшто не фигурира во распоредот. ТВМ побара одговор кои се причините за тоа и дали трката е официјално откажана.
„Од причини надвор од нашата контрола, трката за Големата награда на Албанија е откажана.„ – гласи одговорот од офицерот за односи со јавност на F1-H2O, Филип Стиернон.
Од канцеларијата на организаторот на Формула 1 трките на вода, во Белгија, не откриваат детали за причините за неодржување на трката.
Киселинов, Претседател на Туристичката асоцијација на Македонија „Билјана“, која е една од 50те здруженија од Македонија и Албанија кои се обединија во иницијатива за стопирање на трката, за ТВМ вчера изјави дека за откажување на трката имало влијание од УНЕСКО по дописите испратени од граѓанскиот сектор до Комитетот за заштита на светското природно и културно наследство.
Инаку, албанскиот премиер Еди Рама во септември минатата година сподели информација дека потпишал договор со организацијата F1-H2O за одржување на трка во Формула1 на Охридско езеро кај Поградец со цел промоција на Албанија како една од земјите каде би се организирале вакви трки.
Следуваше алармирање од страна на еколозите и стручните лица и од македонска и од лабанска страна дека ваква трка би била погубна за екосистемот на најстарото езеро во Европа, заштитено светско природно наследство и жариште на биодиверзитет со над 200 ендемични организми. Граѓанските организации побараа поголема соработка помеѓу двете земји кои го делат езерото за негова заштита.
Трките со моторни чамци со високо туражни мотори во рамки на F1H2O светското првенство поради негативното влијание врз животната средина најчесто, се одржуваат на големи водени површини мориња и океани.