Нова фабрика во Дебрца, нови работни места и надеж за задржување на младите

Нови работни места како одговор на иселувањето од руралните средини. Во Дебрца ќе започне со работа првата фабрика за производство на еластични огради во земјава. Станува збор за домашна инвестиција која во почетната фаза ќе обезбеди триесетина вработувања, а локалните власти очекуваат таа да биде поттик за задржување на младите и привлекување нови инвестиции.
„Се работи за фабрика која ќе се занимава со производство на еластични огради, единствена во земјава. Станува збор за домашна инвестиција. За првпат ќе се отвори ваков производствен капацитет во Дебрца, а досега таква фабрика немаше во Република Македонија. Еластичните огради досега се увезуваа од странство. Фабриката ќе стартува со околу 30 работни позиции. И она што го говорев во изборната кампања – дека ќе се грижам за младите луѓе, дадов чесен збор. Некои гледаа со резерва, но јас бев убеден дека ќе направиме нешто што ќе отвори нови работни места.”– вели градоначалникот Златко Сиљаноски.
Локалните власти паралелно инвестираат и во патната инфраструктура. Со рекорден буџет се асфалтираат локални патишта, со цел да се создадат подобри услови за нови инвестиции и економски развој.
„Оваа инвестиција е чекор со кој ќе се отворат нови работни места и ќе имаме што да им понудиме на младите од општина Дебрца. Воедно, тоа е добар симболичен почеток за промена на лошата демографска слика што со години ја тишти општината. Сакам да бидеме општина каде што ќе создадеме можности за инвестиции, каде што луѓето ќе можат да градат, да создаваат и да останат да живеат во општината. Тоа е нашата цел.“ – вели градоначалникот.
Од вкупно триесет села во Дебрца, дури петнаесет имаат помалку од десет жители. Локалната самоуправа очекува дека новите инвестиции, отворањето работни места и подобрената инфраструктура постепено ќе придонесат за подобрување на демографската слика и задржување на младите во општината.
Новинар Соња Рилковска



