Охрид го одбележа Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа
Охрид го одбележа 9-ти мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа. Покрај полагање цвеќе пред споменикот на ослободителите на Охрид овие два светли датуми беа одбележани со пригодна програма во која учество зедоа основците од градов и неколку невладини организации.
Со положување цвеќе пред споменикот на ослободителите на Охрид денеска официјално беше одбележан 9-ти мај – Денот на победата над фашизмот. Цвеќе положија делегација на Локалната самоуправа, преставници на Советот на Општина Охрид, преставници на ОО на СДСМ и на ОО на Сојузот на борци за Охрид и Дебарца. Делегација на Сојузот денес положи цвеќе и пред Споменикот на паднатите борци во НОБ „Кременатец“ во месноста Рашанец во Дебрца. Заменик градоначалникот Ангел Јанев уште еднаш потсети на значењето на овој светол ден кога со потпишувањето на безусловна капитулација на нацистичка Германија, официјално беше ставен крај на Втората светска војна во која учествуваа 61 земја, и која однесе повеќе од 50 милиони животи.
–Овој датум е датум кој не смееме да го заборавиме и мораме да се потсетуваме постојано. Општина Охрид и во минатото и во сегашноста а и во иднина ќе биде дел од ова потсетување, рече заменик градоначалникот, Ангел Јанев.
Македонија за време на Втората светска војна беше на страната на антифашистичката коалиција. Во борбите против фашистичките окупатори, според проценките на историчарите, само од вардарскиот дел на Македонија загинале 33 000 луѓе, вклучулучувајќи ги и преку 7 000 македонски Евреи, кои беа депортирани во концентрациониот логор Треблинка, рече потпретседателот на ОО на Сојузот на борци за Охрид и Дебарца, Никола Стефаноски. Тој додаде дека овој празник е значаен од повеќе аспекти. На овој ден македонскиот народ се стекнал со слобода, за прв пат во својата историја формирал држава, се стекнал со националност и нација, а децата за прв пат во училиштата почнале да учат на својот мајчин јазик.
–Јас ќе бидам искрен и ќе кажам дека иако денес се собравме овде повеќе делегации да го одбележиме овој ден, мислам дека не му се придава доволно значење на празникот, бидејќи нашите деца недоволно знаат за него зошто во училиштата не се учи и не се зборува доволно за него, рече Никола Стефаноски, потпретседателот на ОО на Сојузот на борци за Охрид и Дебарца
Денес двојно се празнува. Покрај ден на победата над фашизмот денешниот датум е и празник на Европа. По тој повод на малиот плоштад во Охрид овие два светли датуми беа одбележани со пригодна програма. Учениците од основните училишта од градов на свои штандови презентира различни изработки кои асоцираат на ЕУ. Свој настап имаше и ансамблот за староградска музика „Билјана јуниор“, а во програмата се вклучија и Црвениот крст од Охрид како и невладината организација „Опција“.
–Ние овде се собравме да го одбележиме денот на Европа. Цртаме и боиме во знакот на Европа, се забавуваме и прославуваме, рече една шестоодделенка.
– Многу е убаво, се дружиме пееме и учиме за ЕУ, кажа друга ученичка.
Пред присутните се обрати и Роберт Лидл, шефот на политичкиот оддел на Мисијата на ЕУ во РМ, кој повика, сите граѓани на европскиот континент, заедно да ја градат Европа.
– За мене е многу важно да видам насмеани лица и луѓе кои се забавуваат. Видовме и некои тешки работи во поширока Европа, но мислам дека Европската унија денеска е поегзистенцијална отколку пред 60 години. Европа е премногу разединета, премногу различна, но во исто време и премногу обединета. Да работиме на изградбата на Европа заедно со вас како дел од неа, им порача на охриѓани Лидл.
Во името на Општина Охрид се обрати заменик градоначалникот на Охрид, Ангел Јанев кој рече дека ако не беше 9-ти мај 1945 година, денот на победата над фашизмот не ќе беше ниту 9-ти мај 1950-тата година, денот кога започна да се реализира идејата за обединета Европа. Симбиозата на овие два исклучително значајни датуми со временска дистанца од само пет години ја изразуваат смислата на постоењето на денешна Европа како современо јаве на еден дамнешен сон, додаде Јанев.
{loadposition content9}