Фатен осомничениот за убиството во Охрид
Фатен осомничениот за убиството во Охрид кое се случи на 20 февруари на ул „Галичица“. Тој потекнува од Куманово, а живеел во истата станбена зграда со жртвата и добро ја познавал. Завчера вечерта осомничениот ја убил шеесет и седумгодишната Спаса Бојоска, најверојатно во потрага по пари, со неколку убодни рани во пределот на телото и главата.
Во Куманово е уапсен осомничениот за убиството на 67 годишната Спаса Бојоска, настан кој понеделникот го потресе Охрид. Осомничениот, кој потекнува од Куманово, живеел во иста станбена зграда со жртвата на ул „Галичица“ и се познавал со неа.
По извршеното разбојништво, тој заминал за Куманово со намера да излезе од границите на државата се вели во соопштението од јавноста на Основното јавно обвинителство.
Лицето е лишено од слобода и по наредба на надлежен јавен обвинител во тек е преземањето на дејствија за натамошно расветлување на кривично правниот настан. Во текот на вчерашниот ден, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство, заедно со екипа на крим техника од МВР, извршиле увид на лице место во станот каде беше пронајдено безживотното тело на Бојоска. При тоа било констатирано дека на телото на починатата има видливи траги од насилство и дека во станот во кој таа е пронајдена е извршено разбојништво.
Основното јавно обвинителство – Охрид вчера соопшти дека случајот во полиција го пријавила ќерката на починатата жена, која откако не можела да ја добие мајка си по телефон, влегла во станот и ја видела како лежи облеана во крв. Обвинителството нареди обезбедување на материјалните траги од местото на настанот, вршење на поголем број на вештачења, како и обдукција на телото на починатата жена. Дејствијата што ги презема Основното јавно обвинителство – Охрид продолжуваат во насока на расветлување на настанот, се вели во соопштението до јавноста на Основното јавно обвинитлство.