Skip to main content

Фемицидот и семејното насилство остануваат сериозен проблем во општеството

Од невладиниот сектор велат дека напредок има, но дека рамноправноста сѐ уште не е достигната и дека потребни се многу повеќе системски решенија за вистинска еднаквост.
 |  инфодеск  | 
a woman with red paint on her face

Во пресрет на Меѓународниот ден на жената – 8 Март, традиционално  се отвора прашањето за улогата и положбата на жената во современото општество. Иако во последните години се забележуваат одредени позитивни промени, жените сѐ уште не се доволно застапени во процесите на одлучување и во креирањето на општествените политики.

Од невладиниот сектор велат дека напредок има, но дека рамноправноста сѐ уште не е достигната и дека потребни се многу повеќе системски решенија за вистинска еднаквост.

 „Жената треба да се слави секој ден. Нејзината улога и нејзиното значење мора да бидат потенцирани во секој сегмент на општеството, 365 дена во годината, а не само на 8 Март. Кога зборуваме за денешната улога на жената, мораме да признаеме дека сѐ уште немаме доволно рамноправност и доволна застапеност во општествените процеси. Радуваат чекорите напред што се направени во последните години, но тоа се само почетни чекори и потребно е уште многу работа за жените да го имаат местото што го заслужуваат.” – вели Весна Цветановска.

Фемицидот и семејното насилство остануваат сериозен проблем во општеството. Според активистите, економската зависност и недоволната институционална поддршка често ги спречуваат жените навреме да побараат помош и заштита.

„За фемицидот се зборува многу малку, а за жал тој е сѐ поприсутен. Сѐ уште живееме во систем во кој жената во голем дел е финансиски и социјално зависна од мажот. Затоа е многу важно да се работи на економско зајакнување на жените, на нивна едукација и охрабрување. Но сето тоа не може да се постигне без силна институционална поддршка и без поголема ангажираност на стручните служби.”– вели Цветаноска.

Од граѓанскиот сектор потенцираат дека покрај институционалната поддршка, важна е и меѓусебната солидарност меѓу жените, како и развивањето на женското претприемништво и лидерство во општеството.

Новинар Соња Рилковска