СВР Охрид со низа активности го одбележува 7 Мај – Денот на македонската полиција
Во рамки на одбележувањето на 7 Мај – Денот на македонската полиција, СВР Охрид во соработка со Планинарската спасителна служба Охрид, организираше ферата рута на планинскиот масив Галичица.
По кратка обука за користење на ферата опрема и безбедносниот систем, полициски службеници заедно со членови на спасителната служба се искачуваа по обезбедена планинска патека, користејќи челични сајли, железни клинови и друга соодветна опрема.
Настанот е дел од низата активности со кои СВР Охрид го одбележува празникот на македонската полиција.

Вчера, на градското пристаниште во Охрид, Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“ организираше отворен ден, на кој граѓаните имаа можност одблиску да ги разгледаат пловните објекти, опремата и материјално-техничките средства што ги користи езерската полиција при извршување на секојдневните задачи.
Во рамки на празничните активности, во понеделникот децата од градинката „Јасна Ристеска“ ја посетија полициската станица во Охрид, каде што се запознаа со работата на полицијата, полициските возила и дел од опремата што ја користат полициските службеници.
Централниот настан на подрачјето на СВР Охрид ќе се одржи денеска, 7 мај, кога е предвиден свечен прием за претставници на локалната самоуправа од Охрид и Дебрца, институции со кои соработува СВР Охрид, како и за активни и пензионирани полициски службеници.
По тој повод ќе биде прогласен и најдобриот полицаец, а ќе биде поставена и изложба на ликовни творби изработени од најмладите.


