Skip to main content

Филмот „Приказна за една охридска свадба’ го оживеа минатото

Зурли и тапани…дарување..Бричењето на зетот…Месењето на свадбарската погача… Ова се живи сведоштва за идентитетот на Охрид,  на кои учениците од СОСУ „Св. Кирил и Методиј”  повторно  им вдахнаа живот преку филмот „Приказна за една охридска свадба”.
 |  инфодеск  | 

Песна, адети, семејна топлина и вековна традиција…Така започнува приказната за една охридска свадба , обичај што со децении се пренесувал од генерација на генерација, а денес полека исчезнува под налетот на современото време.

Зурли и тапани…дарување..Бричењето на зетот…Месењето на свадбарската погача…
Ова се живи сведоштва за идентитетот на Охрид,  на кои учениците од СОСУ „Св. Кирил и Методиј”  повторно  им вдахнаа живот преку филмот „Приказна за една охридска свадба”.

Но младите од Охрид решија да не дозволат овие вредности да останат само спомен.

„Искуството беше извонредно. Вакви филмови мислам дека помалку се снимаат во Македонија, а ние како помлада генерација обично ги знаеме македонските обичаи за свадба само од раскажувања. На сите ни беше многу интересно и забавно да видиме што се случува на една традиционална охридска свадба.” – вели Дарко Јовановски.

Толку автентична била атмосферата што дури и случајните минувачи и туристи поверувале дека навистина присуствуваат на свадбена веселба.


„Имавме туристи од Азија кои мислеа дека навистина има свадба, се сликаа со нас, им честитаа на зетот и невестата. Некои дури сакаа да остават бакшиш за музиката.”
– вели Марко Бешировски (девер).

За младите ова не било само снимање филм. Било патување низ времето — кон обичаи што дел од нив дотогаш ги знаеле само од раскажувањата на повозрасните.

„Искуството беше преубаво, јас сум зетот во филмот. Снимањето беше многу интересно, со многу интересни луѓе. Преубаво си поминавме додека снимавме. Научивме нови работи, а мене најинтересно ми беше мачкањето мед на вратата.” – вели Горазд Велјановски (зет).


„Навистина ми беше чест што бев дел од овој проект… Научив многу нови обичаи и адети поврзани со охридската свадба. Научивме и колку е важно да го зачуваме нашето културно наследство.” – вели Матеја Маленкова (невеста).

Паралелно со филмската приказна, учениците го изработија и проектот  „Светлина на верата”.Станува збор за дигитална платформа што на модерен начин ќе го доближи духовното богатство на Охрид и Дебрца до туристите и посетителите.


„Целта е странските гости, туристите, но и локалното население полесно да се запознаат со црквите и манастирите во Охрид и Дебрца, како и полесно да ги пронајдат преку мапирање.”вели Марија Тренеска.

Менторите велат дека идејата зад двата проекти била иста, традицијата да не остане затворена во минатото, туку да добие нов современ јазик разбирлив за младите.

„Идејата за двата проекти произлезе од желбата да се зачува охридската традиција, локалната традиција, богатото културно наследство кое што го имаме во Охрид, и сето тоа да биде преку еден нов, модерен пристап, преку вклучување на учениците и новата модерна технологија. Сметам дека овие два проекти ќе остават голем траг за заедницата, исто и за нашето училиште. Можеби ќе влијаат и како поттик и идеја за наредни генерации, исто така да го зачувуваат и да го промовираат нашето богато културно наследство.”– вели вели Андријана Паскали.

„Премногу сме задоволни од промоцијата на проектот и филмот, имаше навистина голем интерес и позитивни реакции од публиката. Како ментор, особено сум горда на љубовта, емоциите, креативноста и посветеноста што овие ученици ги вложуваа. Тие не создадоа само филм, туку зачуваа дел од нашата култура и ја раскажаа приказната за градот кој живее преку своите обичаи и традиции.” – вели Маја Цветанова Терзиоска.

И можеби токму во тоа е најголемата вредност на овие проекти.Традицијата не живее во архивите.Не живее во старите фотографии. Таа живее во луѓето што ја паметат… и во младите што решаваат повторно да ја раскажат и оживеат.