Skip to main content

Центар за култура григор прличев

Филмот Каде си Адаме ќе се прикажува во Охрид

На 8-ми ноември во 19 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе се прикажува филмот „Каде си Адаме?“. Влезот ќе чини 100 денари.
 |  инфодеск  | 
Каде си Адаме

Филмот за животот на монасите на Света Гора „Каде си Адаме?“ ќе се емитува во Центарот за култура „Григор Прличев“ на 08.11.2022 со почеток во 19 часот. Цената на билетите е 100 денари, продажба на тел: 078 271 793.

Филмот го прикажува монашкиот живот, полн со автентични ликови, и е сниман четири години на Атос, Грција. Критичарите „Каде си Адаме?“ го опишуваат како фасцинантен извештај за потполно неспоредливиот начин на живот во рамките на монашка заедница во 21. век.

Автор на филмот, укранскиот продуцент – ѓаконот Александар Плиска, го реализирал проектот со режисерот Александар Запорошченко. Плиска за време на неговиот десетгодишен престој во светогорскиот манастир Дохијар дошол на идејата да сними филм за животот со монасите. Тие пред филмската камера ја изнесуваат и тагата и среќата, покајанието, радоста…

Режисерот Запорошченко, кога почнал со снимањето на филмот, сфатил дека монасите не одат по површината на водата или лебдат во воздухот. Тие се луѓе од крв и месо, водат испоснички и тивок монашки живот. Главниот јунак во филмот е игуман на манастирот, ведар и харизматичен старец Григориј, кој со долгогодишното монашко искуство има длабоко разбирање на човековата душа и нејзината желба да се врати во состојбата која е својствена на прачовекот Адам. Игуманот Григориј, кој во меѓувреме починал, меѓу другото вели дека најголемата доблест што ја научил на Света Гора е доблеста на трпението.

„Каде си Адаме?“ учествувал на неколку филмски фестивали посветени на христијанската култура во Киев (добитник на Гран при), Торонто, Краков, Зајечар (Србија).