На 7-ми и 8-ми октомври, премиера на новиот македонски филм „Снежана на крајот умира” на режисерот Кристијан Ристески во Центарот за култура „Григор Прличев” во Охрид. Филмот започнува во 20 часот, а картата ќе чини 150 денари.
„Снежана на крајот умира” е филм за добрината, заборавивме да бидеме добри со луѓето околу нас – вели режисерот Кристијан Ристески, чиј дебитантски долгометражен филм го затвори 43-тото издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки” во Битола.
„Снежана на крајот умира” имаше светска премиера во јануари, на фестивалот Слемденс во САД. Продукцијата е на „Вертиго визуал”, а продуцент е Дарко Попов. Играат Наташа Петровиќ, Верица Недеска, Сашко Коцев, Ивица Димитријевиќ, Денис Абдула, Тино Костадиновски и Давид Јанакиев.
Содржина: Животите на една хикикомори уметница, радио водител со Аспергер синдром, сопственик на видеотека, филозоф од пред гранапче, креативен директор и гинеколог анти-наталист се испреплетуваат низ три откачени приказни за љубов, пријателство и посветеност.