Финансиска инјекција за малите и средни претпријатија
Со поволни кредитни линии, Македонската банка за подршка и развој и Стопанската комора на Македонија ќе ја живнуваат економијата.
Македонската банка за подршка и развој како лек за рецесијата, нуди поволни кредитни линии. Овој пат пациенти се малите и средни претпријатија од областа на земјоделието. Од Стопанската комора пак посредуваат во објаснувањето на условите за користење на овие кредитни линии како и потребната документација за истите.
Тие сметаат дека кредитните линии се поволни и дека треба максимално да бидат искористени, посебно во услови на рецесија од која сите се зафатени.
„Па нормално кај малите и средни претпријатија е поизразен тој притисок од рецесијата што еве ја зафати и нашата економија. Меѓутоа еве се обидуваме низ контакти, испорачување на соодветни добри информации до нашите членки на одреден начин да им помогнеме посебно во делот на воспоставување на контакти со други партнери, дали домашни, дали странски, понатаму објаснување за некои даночни услови, царински услови, околу протокот на стоки, царински постапки.“-вели Ацо Спасовски од Стопанската комора на Република Македонија.
Македонската банка за подршка и развој, на малите и средни претпријатија им нуди две кредитни линии и тоа една со три процентна каматна стапка, наменета за откуп, преработка и извоз на земјоделски производи, и кредитна линија од 5,5 процентна каматна стапка, за осигурување на извозни и домашни побарувања на производни фактори.
Интерес за овие линии има, но секогаш може и повеќе, сметаат тие.
„Досега реализирани се две фази во вкупен износ од 150 милиони евра и се подржани досега околу 700 проекти. Сега сме во реализација на трета фаза од нови 100 милиони евра. Веќе сме во завршна фаза на повлекување на првата транша од 22, 3 милиони евра за подршка на 101 проект.“-рече Александар Станојковски од Македонската банка за подршка и развој.
Инаку овие кредитни линии се наменски, односно се пуштаат во зависност од потребите на стопанството за таканаречени издржани проекти. Најголемиот дел од проектите добиваат зелено светло, со исклучок на некои проекти кои се еколошки неприфатливи.
{loadposition content9}