Финишираат инвестиции во школото во Лескајца
Учениците од ОУ „Братство Единство“ од населбата Лескајца ќе го стартуваат второто полугодие во 2023 година во подобри училишни услови. После четири децении ова училиште ќе добие реновирани санитарни јазли. Локалната самоуправа издвои над 1,3 милион денари за да се подобрат санитарните услови за 500тина ученици кои посетуваат настава на Македонски и Албански јазик, информира Џемал Мехмед, директор на ОУ. Школската зграда е градена пред 55 години и има застарена инсталација, потсетува директорот Мехмед.
„Локалната самоуправа покажа голем интерес за реновирање на тоалетите кои не беа реновирани 40 години и имаше реална потреба за тоа. Претходната година имавме реконструкција на водоводната мрежа. Имавме голема загуба на вода од старите цевки, од 1968 година од изградбата на школто. Имаше испусти кои создаваа влага“, вели Мемед.
Во зградата се привршуваат и зафатите за поставување на целосно нова електрична инсталација. Електронската, јавна аукција за реконструкција на електричната мрежа достигна висина од 824.000 денари , напоменува директорот.
„Се поставија нови табли со доводни кабли, заради висока безбедност и сигурност на ученицити. Се поставија современи, енергетски ефикасни лед светилки, а во училишните ходници се ставија светлосни сензори. Сето тоа ќе влија позитивно врз намалување на потрошувачката на електрична енергија“, напоменува Мехмед.
Во ОУ „Братство Единство“ е планирана и градежна активност за одстранување на влагата во зградата. Локалната самоупрва ќе инвестира во 2023 година во изведување на дренажна инсталција, а се размислува и за поставување на термоизолациона фасада со што училиштето ќе стане енергетско ефикасен објект. Со тоа ќе се заокружат крупните инвстициски зафати во школската зграда после замената на азбестниот кров со нова кровна конструкција и замена на дограмата.