Формиран Граѓански инспекциски совет за поефeктивна контрола врз загадувањето
Група на 26 невладини организации, здруженија на граѓани и високообразовни институции кои се залагаат за заштита на животната средина, во соработка со Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) формираа Граѓански инспекциски совет (ГИС).
Група на 26 невладини организации, здруженија на граѓани и високообразовни институции кои се залагаат за заштита на животната средина, во соработка со Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) формираа Граѓански инспекциски совет (ГИС). ГИС е формиран поради потребата за поефикасна соработка на ДИЖС со граѓанскиот сектор и граѓаните, како централна институција за контрола и казнување на загадувањето и уништувањето на животната средина.
Во својата соработка, ГИС и ДИЖС ќе се раководат според потребата од постојано унапредување на состојбата со заштитата на животната средина и остварувањето на начелото на владеење на правото. Преку граѓанскиот активизам треба да се помогне за побрзо и поефикасно справување со сериозните загадувања на животната средина и на недоволниот капацитет на институциите да се справат со нив поради малиот број инспектори и стручни кадри. Оттука, соработката меѓу ГИС и ДИЖС треба да придонесе за размена на знаења и искуства, но и за поголемо граѓанско влијание врз Инспекторатот и другите јавни институции за подобрување на инспекцискиот надзор и намалување на загадувањето.
Инспекторатот за животна средина преку поддршката од Граѓанскиот инспекциски совет ќе има можност да ги користи капацитетите на невладините организации и високообразовните институции кои се членки на ГИС и да споделуваат информации и експертиза во насока на решавање тековни проблеми во надзорот во животната средина. Соработката предвидува ГИС и ДИЖС заеднички да прават анализи и да даваат предлози за измени на одредени закони и подобрување на инспекцискиот надзор, како и да поттикнуваат дебата за различни прашања поврзани со заштитата на животната средина. Граѓанскиот инспекциски совет треба да има увид и можност да влијае врз работењето на ДИЖС, да ја користи својата експертиза во одредени области за решавање на замрсени случаи, но и да поднесува барања, приговори и тужби до одредени институции и носители на функции кои не постапуваат според законите за заштита на животната средина и за тоа да ги известува граѓаните.
Со презентирањето на Граѓанскиот инспекциски совет, кампањата „Разбистри сè“ го одбележува Светскиот ден на водата – 22 март. Вреднувањето на водата, кое е мотото на годинашниот Светски ден, целосно кореспондира со целите на „Разбистри сè“ за итната потреба за заштита и одржливо користење на водите и за поефикасен инспекциски надзор врз прекумерното искористување на природните ресурси во Македонија.
Граѓанскиот инспекциски совет за соработка со ДИЖС се формира на иницијатива на Зелен институт во рамките на кампањата „Разбистри сѐ“, која ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансиски поддржана од Британската амбасада во Скопје.
Организации основачи на Граѓанскиот инспекциски совет:
1. Зелен институт
2. Институт за комуникациски студии
3. О2 Иницијатива
4. Еко свест
5. Македонско здружение на млади правници
6. Флорозон – Центар за еколошка демократија
7. ЕЗ Здрава котлина – Струмица
8. Еко долина
9. ЗЗУЖС Еко живот – Кавадарци
10. Институт за биологија при Природно-математички факултет
11. Македонски центар за меѓународна соработка
12. Движење на екологистите на Македонија
13. ЕД Вила Зора
14. Институт за европска политикa
15. Центар за економски анализи
16. Центар за правни истражувања и анализи
17. Здружение на граѓани Еко логик
18. Центар за ресурси во животна средина (РЕЦ) – С. Македонија
19. Арт Поинт Гумно
20. Здружение за социјални иновации и одржлив развој РАДАР
21. Наша добра земја
22. НВО Green.оrg
23. Новинари за човекови права
24. Water4changes-Вода за промени, Global Shapers Skopje Hub
25. Центар за управување со знаење
26. Национален Ромски Центар