Skip to main content

Во чест на свети климент

Фото изложба пејзажи од Охрид

Изложените фотографии се поглед кон убавото на градот. Клубот има успешен спој на младоста и искуството, а младите се нашата надеж дека ќе има на кого да ја препуштиме работата на клубот, велат задоволно ветераните.
 |  Валентина Неловска  | 

Прекрасни пејзажи од природните убавини на Охрид и езерото беа претставени на изложбата од фото клуб Охрид. „Традиционално изложбата се организира во рамките на чествувањето на Св. Климент Охридски патронот на градот. Имавме убав избор на фотографии и луѓе“, истакна задоволно Ѓоко Симјаноски, еден до ветераните на фото клубот.

Кога велам луѓе мислам на младите луѓе во клубот. Има млади луѓе членови што е многу важно за опстојување на овој фото клуб. Се што е изложено е поглед кон убавото на нашиот град, го предаваме на сите вљубеници на нашиот град, но и на оние што од различни причини не биле во можност да дојдат во Охрид, а како покана да го посетат оваа рајско место – кажа Симјаноски.

Димче Коруноски, претседател на Фото клуб Охрид, исто така е горд што во нивниот клуб се создава спој на искуството и младоста. „Успешно соработуваме со младите и се радувам што има интерес од младите генерации за членување во клубот. Тоа ни дава надеж дека ќе има на кого да го препуштиме клубот со работа“, вели Коруноски. Надеж има и за решавање на еден горчлив и долг проблем како што е немање просторија за работа на фото клубот.

Изложба

Има ветување за решавање на тој проблем. Најмногу заради таа комуникација со младите, каде што ќе може да работиме, да се советуваме, како тие со нас така и ние со нив. Младата генерација носи нови погледи и тоа е корисно да учиме сите – напоменува Коруноски.

Најголем дел од фотографиите на изложбата се направени со фотоапарати, а во помал број од мобилен телефон. Изложбата се организира по 24-ти пат, изложени се 50 фотографии, дела на 16 членови на Фото клуб Охрид.