Фото клуб – Охрид одбележа четврт век постоење
Фото клуб – Охрид со традиционалната изложба по повод празникот Св Климент Охридски, го прослави својот 25 годишен јубилеј. Изложбата ја отвори првиот претседател и еден од основачите на клубот, д-р Лазар Коњановски. Формиран од една голема желба на група на ентузијасти, вљубеници во фотографијата, клубот секогаш скромно но суштински ја поддржува културата во градот, опстојува и расте, истакна во своето обраќање Коњановски.
„Разни генерации се членови на нашиот клуб и не паднавме под одредена бројка на членови. Многу генерации се менуваа, многу млади кои понатаму заминуваа надвор од државава. Но една бројка секогаш оди нагоре затоа што секогаш се јавуваат млади, талентирани ентузијасти кои ни го подигаат квалитетот на клубот. Ние имаме многу искусни луѓе, луѓе кои постигнале многу награди , и во оваа прилика ќе спомнам дека имаме членови кои добиле многу филмски награди и јас се надевам дека мојата идеа ќе биде поддржана , да ние понатаму се трансформираме во Фото-кино клуб. “ – кажа Коњановски пред присутните во Галеријата при Центар за култура „Григор Прличев“
На изложбата со свои фотографии се претставени 16 членови на клубот кои со својот сензибилитет за убавото, мигот го претвораат во вечност, а мотивите од Охрид во магија.
„По 25-ти пат се собравме да прикажиме дел од нашите фотографии во кои е вткаена 25 години љубов кон фотографијата , затоа што без љубовта немаше ниту да опстои клубот ни делото кое го градиме.“ – кажа Димче Коруновски – Претседател на Фото клуб Охрид.
Во името на Општина Охрид , градоначалникот и во свое лично име честитки по повод јубилејот упати заменик градоначалникот на Охрид Перчо Божиновски. Задоволство е кога се слават јубилеи а посебно кога се слави четврт век постоење на еден клуб на на кој сите треба да бидеме горди, истакна Божиновски.
„ Во секоја една фотографија има посебна приказна којашто е белег на самиот град и всушност од секоја фотографија излегува пораката од Св Климент а тоа е да го чуваме и негуваме градот , односно да правиме добро. Како локална самоуправа секогаш ќе бидеме отворени за соработка со Фото клубот и им посакувам уште многу години успешна работа.“ – кажа Божиновски.
Фото клубот Охрид како дел од Фото сојузот на Македонија постојано е присутен на сите поважни настани, во земјата регионот и пошироко и има свој член како офицер за комуникација со Светската фото федерација. Она што му недостига се простории во кои ќе продолжи да расте и во која ќе се зголемува членството со млади генерации кои ќе ја продолжат четвртвековната традиција.
„Доста награди има фото клубот во земјава и во странство. Посебно се истакнуваат наградите кои Фото Клуб Охрид ги земаше на интернационалните фестивали, да не ги набројувам. Сакам да кажам дека една димензија на клубот е тоа што со сериозни основи, во тешки времиња сиве овие 25 години, почнувајќи од првиот претседател на клубот д-р Лазар Коњаноски, па сегашниот Димче Коруноски, Петар Боев кој е еден од основачите. Поздрав до градоначалникот кој секоја година е со нас. Му посочив на заменикот дека сеуште немаме простории но знам дека тоа ќе се реши.„ – кажа Зоран Вељаноски Летра.
Фото клубот Охрид е препознатлив белег на градот, негов хроничар и амбасадор. Мотивите од убавиот Охрид, како најголемата и неисцрпна инспирација, украдени од минливоста преку објективот на фотографите од овој клуб го обиколуваат светот.