Фотоволтаичните електрани изземени од Планот за УНЕСКО
Инвеститори од државава и од странство се заинтересирани за вложување во фотоволтаични електрани во охридско, но се откажуваат поради ограничување од „Планот за управување со светско природно и културно наследство на Охридскиот регион“.
Според планот, урбанизацијата на просторот вон опфат на урбанистички план е ограничена на 40% искористеност од вкупната површина на парцелата, што ја прави инвестицијата во фотоволтаични системи економски неисплатлива.
Поради тоа Советот на Општина Охрид на денешната седница усвои одлука со која парцели на кои би се поставувале фотонапонски панели се изземаат од одредбата на Планот за управување со охридскиот регион.
Ние имавме случаи кога заинтересирани странки се јавуваат за информација дали за 10 хектари ќе се применува Планот за УНЕСКО, тоа значи ако инвеститорот купи 100 илјади м2 само на 40 илјади м2 може да постави фотонапонски панели, а на 60 илјади м2 не може ништо. Тука инвеститорите не гледаат економска исплатливост од инвестицијата. Ова е пречка за инвеститорите. Поднесени се неколку иницијативи, но како ќе добијат одобрение и ќе увидат на колкав простор од парцелата се ограничени, се откажуваат. – истакна Богдан Настески Герман од секторот за урбанизација.
Со Законот за енергетика од 2018-та година и измените од 2019-та год. се овозможи и во државава по европски терк, физички и правни лица да можат да учествуваат на пазарот за енергетика. Таа можност до денес ја искористија голем број инвеститори при што во Македонија се изградија околу 200 фотоволтаични електрани. Охрид во услови кога енергетската криза притиска се посилно, заостанува зад многу општини кои ги зафати фотоволтаичната треска,
За споредба најблиску до нас, во Осломеј 10 хектари со фотоволтаични панели задоволува потреба и потрошувачка на струја за 2 800 домаќинства. Тоа значи од 10 до 12 000 жители, а кај нас за жал нема ниту една таква инвестиција – вели Настески Герман.
Со денешната одлука на Советот, постапките за изградба на фотоволтаични електрани и во охридскиот регион, како и во остатокот од државава ќе се регулира со Законот за урбанистичко планирање каде се предвидени условите и видот на земјиште на кое може да се поставуваат вакви фотонапонски постројки.
За Охридскиот регион секој поединечен предмет, во тек на постапката, покрај од другите институции согласно законот, ќе треба да добие позитивно мислење и од Националната комисија за УНЕСКО.