Бледнее сјајот на Фестивалот на француски филм во Охрид
Синоќа во Центарот за Култура “’Григор Прличев“ во рамките на седмото издание на фестивалот на францускиот филм во Македонија, се прикажа проекцијата на филмот посветен на познатиот француски моден креатор Ив Сен Лоран. На присутните гости и почитувачи на седмата уметност им се обрати градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески и амбасадорката на Република Франција во Македонија, Лоренс Оер.
Годинава Охрид наместо домаќин на Фестивалот на француски филм мораше да се задоволи само со една проекција. Синоќа во Центарот за Култура “’Григор Прличев“ по седми пат беше послан црвениот тепих но за разлика од претходните години по него поминаа само мал број љубители на седмата уметност. Пред проекцијата на филмот посветен на познатиот француски моден креатор Ив Сен Лоран на присутните им се обрати Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески кој говореше за македонско – француските културни врски и за отворањето на Охрид кон светот, а посебно кон филмот како уметност.
– Франција ги има браќата Лимиер, а Македонија браќата Манаки. Во 1905 година со својот прв филм тие ги удриле темелите на македонската кинематографија која за разлика од француската бројно не е толку богата, но во себе крие филмови со високи естетски квалитети и историска димензија како сведоштво за битисувањето на Македонецот. Најважно е што македонскиот филм последниве децении успева да излезе од Балканските рамки со учеството на престижни филмски фестивали и добиените награди низ светот, рече Градоначалникот Бакрачески.
Градоначалникот потенцираше дека Охрид со безбројните и прекрасни визури и езерото бил, е и ќе биде природно филмско студио. Додаде дека многу кадри и филмски реплики се забележани на филмската лента и дека нашиов град е инспирација за многу сценаристи и режисери. Бакрачески кажа дека наскоро Македонија и Франција ќе потпишат договор за филмски копродукции.
Пред љубителите на францускиот филм се обрати и амбасадорката на Република Франција во Македонија, Лоренс Оер.
–Ние сме среќни што заедно со Францускиот институт и со Француската амбасада сме тука и можеме да го претставиме седмото издание на Францускиот фестивал во Македонија. Меѓутоа не можевме да замислиме тоа да се случи без да дојдеме тука во Охрид, рече Оер.
Француската амбасадорка нагласи дека Франција ќе продолжи со презентирање на француски филмови од септември во Охрид и во други градови низ Македонија. „Златната маска“ на фестивалот годинава ќе му биде доделена на режисерот Фредерик Шендорфер во недела на затворањето на фестивалот во Скопје.
{loadposition content9}