Фридман: Македонскиот јазик постои и ќе продолжи да постои
Еден од најпознатите американски лингвисти на својата генерација со славистичка и балканистичка ориентација д-р.Виктор Фридман, во чијшто творечки опус од 101 научен труд, 73 се од областа на македонистиката и балканистиката, денес во куќата на Уранија на МАНУ, ја прими Светската Награда на Хуманизам, за 2023 година.
Со сета своја дејност проф. Фридман има придонесено многу за афирмацијата на македонскиот јазик, македонската лингвистика и македонистиката во целина, како во САД, каде што живее и работи, така и во бројни други центри во светот. Активен преведувач е на македонска стручна литература, а во негов превод на англиски јазик е објавена „Историската фонологија” од Блаже Конески. За Фридман оваа награда е од огромно значење.
„Право да ви кажам просто немам зборови. Тоа е една голема награда. Јас не сум очекувал такво нешто. Јас почнав овде како студент пред повеќе од 50 години и така. Можеби се чувствувам малку постар ама убаво е. Сегашниве проблеми ќе се решат некако. Важното е дека македонскиот јазик постои и ќе продолжува да постои. Tочка.“ – кажа Проф. Фридман пред присутните на доделувањето на наградата.
Проф. д-р Фридман забележа дека повеќе од јасно е дека македонскиот јазик се разликува и од српскиот и од бугарскиот на секое лингвистичко ниво, од фонологија, преку морфологија, до лексика, синтакса. Тој рече дека воопшто немал претстава дека македонскиот јазик ќе предизвика проблеми какви што сега произлегуваат од соседите.
Во времето на фашизам кога Бугарите ја окупирале Македонија и тоа беше окупација, ги тепале децата коишто зборувале македонски. Тоа е фашизам. Во времето на фашизам македонски бил бугарски дијалект, сега тоа што велат Бугарите за македонскиот јазик дека бил бугарски дијалект е исто како во фашистичкото време, рече Фридман.
Тој смета дека Европа е таа којашто треба да стави крај на сето тоа, а на Македонија и порача да остане цврста во одбраната на посебноста на македонскиот јазик.
Академик Фридман е седумнаесетти добитник по ред, на ова исклучително признание со кое што Охрид, градот на УНЕСКО, ги буди изворите на духовната меморија од првата средновековна школа на хуманизмот, основана од учениците на Св. Кирил и Методиј, заштитниците на Европа. На лауреатот наградата му ја врачи градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков. Тој се осврна и на проектот за поставување на спомен-обележјето “Охрид Центар на Светскиот Хуманизам” за кое Советот на Општина Охрид донесе одлука да биде поставено во просторот кај Долна Порта, како единствено такво обележје во светот. Идеата е на Светлин Русев, добитникот на светската награда на хуманизам од 2014 година. А спомен обележјето како свој авторски проект го изработи еден од најголемите скуптори на македонската современа уметност, Жарко Башески, чии што дела се присутни во над 50 музеи на модерната уметност низ цела планета.
„Посебна е честа и задоволството што во мојот мандат како градоначалник, ќе го облежиме Охрид како град на хуманизмот и да добие едно свое обележје кое врз основа на состаноците ги имавме со почитуваниот амбасадор и изработувачот на спомен обележјето, ќе ја види својата светлина. На тоа спомен обележје, секој добитник на наградата на хуманизмот ќе биде обележан, а Охрид со сите актовности кои ги презема на оваа тема ќе биде Град на хуманизмот.“ – кажа градоначалникот.
Пригодни беседи за Фридман одржа претседателот на Охридската академија на хуманизмот, Јордан Плевнеш во присуство на меѓународна асемблеја од гости, меѓу кои и претставници и градоначалници од збратимените градови на Охрид од Европа и градовите по покровителство на УНЕСКО.
„Нека пеат сите хорови, од сите религии, во сите храмови на светот. Благословена да е мисијата на Виктор Фридман и нека живеат сите 6345 јазици од листата на УНЕСКО. Бидејќи кога се читаат вашите текстови и ве слушаме како зборувате на поголем број јазици, мислиме дека културните разлики низ вашиот научен глас независно од гео-политичките и нуклеарните катастрофи, ја пеат симфонијата на јазичната љубов.“ – кажа Плевнеш.
Свечени обраќања имаа и претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Никола Јанкуловски, како и минатогодишниот добитник на Светската награда за хуманизам, светски познат филозоф, есеист и литертурен критичар и професор на Универзитетот од Жилина, Словачка, академик Далимир Хајко, кому денеска исто така му беше врачена наградата.
Во рамките на овој свечен настан, се одржа и Меѓународна конференција со наслов:„Охридската школа на хуманизмот од средниот век до денес“, на која учествуваа нобеловци, истакнати дипломатски претставници како и истакнати книжевни дејци.