Skip to main content

Фронт 21/42: Невладеењето на правото го уништува светското наследство

Oд Фронт 21/42 убедени се дека единственото светско природно и културно наследство во земјава е жртва на невладеење на правото. Тоа го илустрираат преку случајот со градење објекти на територијата на Студенчишко Блато кое е под привремена заштита.
 |  инфодеск  | 

Денес во Стразбург, Постојниот комитет на Бернската конвенција ќе го разгледува спроведувањето на препораките за отворениот случај за заканите врз Охридското Езеро и Националиот парк Галичица, информираат од Фронт 21/42. Од невладината организација велат дека државата во изминатата година не само што не спровела ниту една од 15 препораки, туку за 4 состојбата е уште полоша.

-Минатата недела се објави Извештајот на мисијата на УНЕСКО од 2024 година – по трет пат експертите заклучуваат дека Охридскиот Регион ги исполнува критериумите за светско наследство во опасност, додавајќи дека несоодветните интервенции, урбанизацијата, неадекватното просторно планирање, инфраструктурните проекти, итн. нанесуваат неповратна штета поради што Охридскиот Регион може да ја изгуби Исклучителната универзална вредност во краток до среден временски период, велат од Фронт 21/42.

Оваа невладина организација работи на зачувување на Охридскиот Регион полни десет години и убедени се дека единственото светско природно и културно наследство во земјава е жртва на невладеење на правото.

Тоа го илустрираат преку случајот со градење објекти на територијата на Студенчишко Блато кое е под привремена заштита. Еве ја објавата на ФРОНТ 21/42 на нивниот профил на социјалната мрежа Фејсбук:

– Нашиот последен случај многу точно го илустрира уништувањето на вредностите благодарение на неспроведувањето и кршењето на законите токму од страна на институциите чија основна должност е истите да ги спроведуваат. Во април 2023 година, при една од редовните посети на терен, увидовме незаконски градежни активности на територијата на Студенчишко Блато, додека за истото важеше (и сеуште важи) Решение за привремена заштита:

Веднаш испративме инцијативи за инспекциски надзор до Државниот инспекторат за животна средина и до општинскиот градежен инспектор, кои прераснаа во шест месечна комуникација со сите релевантни иснпекциски служби – ДИЖС, Инспекциски совет, Државен управен инспекторат, Државен градежен инспекторат и локални инспектори при Општина Охрид. Исходот од сето тоа беше непречен развој на нов урбан комплекс во рамки на блатото:

Состојба на терен во септември 2023 година, по серија иницијативи за инспекциски надзор – наместо да бидат отстранети двете дивоградби се завршени, со основа за понатамошен урбан развој.

Состојба на терен во јули 2024 година – пет дивоградби се завршени, две се во изградба, со основа за понатамошна урбанизација.

Ниту еден инспектор од сите надлежни инспекторати не ги спроведе доследно законските обврски. Од седум постапки на шест државни и два локални инспектори (и вклученост на Инспекцискиот совет), за флагрантно кршење на повеќе релевантни закони и серија на кривични дела – само за еден надзор се изготвија законски обврзните решенија и тие беа очигледна празна формалност; не се спроведе ниту еден (законски обврзен) контролен надзор, дури ни по известувањето од Фронт 21/42 дека состојбата на терен е влошена. Благодарение на неспроведувањето на службената должност од страна на инспекторите, деградацијата на најзначајната од деветте жешки точки на биодиверзитет за Охридското Езеро, ескалира – и сето тоа за имотна корист на сторители на кривични дела.

Работејќи на случајот со дивоградбите, откривме дека земјиштето на кое се развива овој незаконски урбан комплекс е приватизирано противзаконски, благодарение на одговорни лица од Министерството за финансии и Државниот правобранител.

Парцелите со дивоградбите (заедно со други околни парцели) се приватизирани како градежно земјиште во државна сопственост, додека во реалноста отсекогаш биле и сеуште се земјоделско земјиште. Приватизацијата е спроведена од одговорни лица од Управата за имотно правни работи при Министерството за финансии, кои издале Решенија за приватизација на градежно земјиште за кое знаеле дека е земјоделско и за кое немале никакви ингеренции да постапуваат. Дополнително, овие лица незаконската постапка ја спровеле врз основа на член кој овозможува приватизација (на државно градежно земјиште) без никаков надоместок. Во целиот процес се вклучени и вешти лица од истото министерство, а незаконските Решенија за приватизација на државно земјоделско земјиште станале правосилни благодарение на тоа што Државниот правобранител (чија основна должност е да ги штити имотно-правните интереси на државата) не преземал никакви дејствија.

Ова е далеку од изолиран случај, напротив, нашето искуство е дека речиси во секоја постапка, речиси сите надлежни институции ги кршат речиси сите релевантни закони – една деценија директно сведочиме како управувањето со светското наследство и на централно и на локално ниво е дефиниција за невладеење на правото.

За случајот со дивоградбите и незаконски приватизираните парцели во Студенчишко Блато поднесовме пријави до Основното јавно обвинителство за организиран криминал, Државната комисија за спречување на корупција, кривични пријави против поединечни лица и известување до Инспекцискиот совет – останува да видиме дали било која од овие пријави ќе резултира со отстранување на дивоградбите и поништување на противзаконските решенија за приватизација на земјиштето. До сега, искуството ни покажува дека единствен начин барем да се успори уништувањето на највредното природно и културно богатство во државата, е преку меѓународната заедница. Благодарение на случајот пред Бернската конвенција (барем засега) го стопиравме усвојувањето на предлог Законот за прогласување на Студенчишко Блато за парк на природата, кој покрај останатото, на сопствениците на овие незаконски приватизирани имоти со дивоградби им даваше приоритетно законско право да учествуваат во дефинирањето на дозволените активности во зоната во која истите се лоцирани.

Извор: Фронт 21/42 Фото: Facebook