Skip to main content

Фронт 21/42: Со Законот за прогласување на Охридско Езеро Валдата ги крши меѓународните прописи и постапи спротивно на Уставот

Назначувањето, пак,  на ЈП „Колекторски систем“за управувачко тело на Охридското Езеро е во најмала рака запрепастувачко и бара посебна анализа, реагираат од Фронт 21/42.
 |  инфодеск  | 

Владата го усвои текстот на предлог Законот за прогласување на Охридското Езеро за Споменик на природата, без претходно да се ревидираат зонирањето на езерото и дозволените активности во различните зони што беше препорака од комитетот  на Бернската конвенција, реагираат од „Фронт 21/42“.

Постапувајќи спротивно на препораката, Владата (и Министерството за животна средина, кое е одговорно за овој закон) постапија и спротивно на член 118 од Уставот според кој меѓународните договори каква што е Бернската конвенција што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон, велат од Фронт 21/42.

Оттаму посочуваат дека во коренот на проблемот е Студијата за валоризација, која е основа на Законот за прогласување.

-За Студијата за валоризација на најстарото езеро во Европа не беше спроведено ниту едно истражување на терен од страна на научници, да се соберат реални, актуелни податоци за клучните видови и живеалишта, да се увидат реалните закани. Наместо тоа, набрзина во период од неколку месеци, се направи селекција на информации од постоечки документи. За илустрација на содржината на Студијата ќе наведеме само еден факт – Охридската пастрмка не е меѓу клучните видови за езерото, посочуваат од Фронт 21/42.  Додаваат дека, спротивно на Планот за управување со светското наследство, кој налага во рамки на Студијата да се анализира потребата за проширување на заштитниот крајбрежен појас на езерот,  авторите на Студијата целосно го игнорирале овој важен дел за заштитата на езерото.  

Мисијата на Бернската конвенција во април 2023 година потврди дека предложените зони и дозволени и забранети се базираат на Студија со застарени податоци, во која се прикажува поинаква состојба од реалната. Поради тоа, Постојниот комитет, во декември 2023 препорача ревизија на најважните елементи на Студијата пред да се усвои Законот за прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата. Неспроведувањето на оваа препорака всушност значи и неспроведување на последната Одлука на УНЕСКО, во која посебен акцент е ставен на Стратегискиот план за рехабилитација на светското наследство, а една од активностите во овој план е имплементација на препораките на мисиите на меѓународните конвенции во Законот за управување со Охридското Езеро, доколку истите се добијат пред да се усвои законот.

Сумирано, со усвојување на текстот на Законот за прогласување на Охридското Езеро за Споменик на природата, Владата (и Министерството за животна средина) го прекршија домашното и меѓународното законодавство и постапија спротивно на Уставот се под превезот на „посветеност кон заштитата“.Непосредно пред најавената (трета по ред) реактивна мониторинг мисија на УНЕСКО.

Назначувањето, пак,  на ЈП „Колекторски систем“за управувачко тело на Охридското Езеро е во најмала рака запрепастувачко и бара посебна анализа, реагираат од Фронт 21/42.

Извор: Фронт 21/42 Фото: Ѓоко Симјаноски