
Факултетот за туризам и угостителство Охрид се претстави на XX издание на меѓународниот гастрономски натпревар „Бисерот на морето“ кој се одржа на островот Брач во градот Супетар, во познатото одмаралиште Waterman Svpetrvs. Овој сериозен настан, уникатен од овој вид, се организира веќе 20 години од страна на ШКМЕР (Асоцијација на шефови од медитеранската и европска регија).

Учество на настанот зедоа повеќе од 400 учесници од Хрватска, Македонија, Србија, Црна Гора, БиХ, Турција, Албанија, Романија, Словачка, Украина, Белорусија, Индија и Малта кои се натпреварува во различни категории во подготовка на главни јадења од месо, веганска храна, тестенини, слаткарство, чоколатерство, послужување храна и пијалаци, сомелиерство и барменство.



Студентите Христијан Јорданоски, Стефан Аврамоски и Христијан Трајковски, под водство на селекторот доц. д-р Климент Наумов, се натпреваруваа во повеќе дисциплини и ги постигнаа следните успеси: 1 златен, 5 сребрени и 1 бронзен медал во подготовка на главни јадења од пилешко месо, телешко филе, риба и тестенини.

Христијан Трајковски, освои златен медал во категоријата главни јадења од пилешко месо (ролован пилешки супрем со козјо сирење и полнеж од суви сливи во комбинација со пена од козјо сирење). Исто така, Трајковски освои бронзен медал за подготовка на главни јадење од риба.

Стефан Аврамоски освои 2 сребрени медали за подготовка на главни јадења од телешко месо (телешко филе со фефер сос) и риба (орада со сос beurre blanc).

Христијан Јорданоски се натпреваруваше во сениорска конкуренција во 3 дисциплини и тоа јадења од риба (ролована пастрмка со гамбори), јадење од пилешко (пилешки батак ролован со полнеж од пилешки црн дроб и крем сирење) и паста (црни равиоли во сос од гамбори) при што освои 3 сребрени медали.
Факултетот за туризам и угостителство за првпат учествуваше со свои претставници на оваа престижна гастрономска манифестација и постигна навистина високи резултати.
