ФЗОМ-Охрид-сите здравствени картички треба да бидат издадени до Јуни 2013
Во моментот се прибираат барањата за издавање на здравствени картички од помалите и поголемите фирми од Охрид.
Процесот на замена на старите здравствени книшки со новите електронски картички е во тек. Според плановите на Фондот за здравствено осигурување, Јуни 2013 година би требало да биде крајниот рок за завршување на овој процес. Од таму велат дека во моментов работат на прибирање на барањата од фирмите во градов. Како за сите останати категории, и кај фирмите работата оди бавно. За да се забрза процесот, од Фондот овозможиле, поголемите фирми електронски да ги достават своите барања.
Досега Фондот стапил во контакт со околу 25 поголеми фирми со над 50 вработени или вкупно околу 10 000 осигуреници.
„Останаа уште прилично голем број и јас апелирам до нив да поднесат барање со колку што имаат вработени членови, за што побрзо да се заврши оваа акција за изработка на здравствените картички. Како што знаете оваа акција треба да заврши, имаме за цел да заврши до крај на јуни 2013 година, односно оваа година, така да апелирам до сите приватни фирми да поднесат барање за своите вработени, за да имаме време да ги изработиме картичките, да ги дистрибуираме и да почнат со користење на истите.“-рече раководителот на подрачното одделение на ФЗОМ, Славе Крстаноски.
Први кои добија вакви електронски здравствени картички се јавните претпријатија и државни институции или околу 9000 осигуреници во Охрид кои веќе ги користат истите. Од она што се вика технички проблеми кои се јавиле во користењето, од Фондот велат дека се отстрануваат онака како што се појавуваат.
Околу 5000 здравствени картички подготвени за издавање ги чекаат и пензионерите каде имаше и поголем застој околу поднесувањето на барањата. Од Фондот велат дека и за оваа категорија на граѓани, но и за невработените набрзо ќе бидат дистрибуирани картичките.
„Невработените, со самата пререгистрација поднесуваа барања, така да скоро сите имаат поднесено барања со исклучок на 200-300 според наша евиденција, нивните се обработени од наша страна, дадени се на изработка и во најскоро време ги очекуваме да бидат готови и да ги дистрибуираме. Претпоставувам дека дистрибуцијата ќе биде најефикасна од февруари-март, за време на новата пререгистрација, така да не би требало да доаѓаат по втор пат.“-вели Крстаноски.
Се до крајот на процесот на дистрибуција, паралелно ќе бидат користени и здравствените картички оние кои ги добиле и здравствените книшки и сини картони, за по најавениот рок, оваа електронска картичка, да биде носител на податоци и за здравствената состојба на осигурениците, но и податоци за тоа дали осигурениците имаат или не сини картони.
{loadposition content9}