Skip to main content

Галеријата „Букефал“, место кое туристите со задоволство го посетуваат

Галеријата „Букефал“, место кое туристите со задоволство го посетуваат. Иако се потешко е во ова време да се продава уметност, сеуште има луѓе кои знаат да ценат што е добра слика. Цените за странците се прифатливи, а нашите купувачи една слика ќе ги чини една наша просечна плата. Галеристите во градов иако малубројни, велат дека на секој начин ја протежираат уметноста која е единствениот начин за да излеземе од ова секојдневно сивило.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Туристите кои го избрале Охрид како дестинација многу ретко одминуваат еден простор на сред чаршија во кој дише уметноста. Галеријата „Букефал“ најпрво ги привлекува со својот излог, а потоа влегуваат внатре и потонуваат во боите на сликите на најеминентните, но и на младите македонски уметници.

Посетители во галеријата се љубителите на уметност. Јас ги делам на луѓе кои сакаат уметност и на оние кои не чуствуваат потреба за тоа. Од цел свет имаме посетители и кога ме прашуваат дали делата се на македонски автори јас велам дека на македонски, но и на интернационални, бидејќи овде има слики на автори кои се школувале во Македонија, а сега работат и творат во странство. Но задоволство е што оној препознатлив македонски код го носат во себе, вели галеристот Љупчо Жупан.

Оваа галерија која постои речиси дваесет години е место каде можат да се најдат дела за сечиј вкус. Цените на уметничките слики за странците се многу пристапни бидејќи се најниски од секаде на друго место во светов. Домашните купувачи се помалубројни, но оној кој ја сака уметноста и кој знае да ја цени ќе најде и начин како да си купи некое дело кое ќе го краси неговиот дом. Една слика може да се купи по цена од 200-300 евра па нагоре. Секако цената ја диктира името на авторот, техниката во која е работено делото, како и афирмираноста на сликарот во светски рамки.

Се нуди една оригинална уметност, една оригинална слика и тоа треба да се цени бидејќи тоа е дел од духот на уметникот. Тој пренесува преку сликата дел од својата емоција и од своето расположение и тие се тие, уметниците кои знаат да го направат тоа најдобро, затоа се и уметници и тоа треба да се цени, вели Жупан.

Во галеријата има слики од Јордан Манасиески, Вангел Наумоски. Мирослав Масин, Константин Качев, Петар Мазев, Драган Спасески Охридски, Ташкоски, но има дела и од помладата генерација уметници кои допрва ќе го создаваат своето име и препознатлив стил.