Националниот парк „Галичица“ опожарен
Во националниот парк „Галичица“само за четири дена во месец март се случиле два пожари. Од паркот апелираат да се внимава, бидејќи според метеоролошките најави летниот период ќе биде сушен, што ја зголемува можноста за предизвикување пожари.
Националниот парк „Галичица“ опожарен. Само за четири дена овој месец во паркот се случиле два пожари. Првиот, кој зафатил површина од два хектари се случил на 20-ти март, кажа Наумче Новески, одговорен за заштита од пожари во НП „Галичица“ . Направен е увид на лице место и веќе се претпоставува кои се сторителите на овие казнени дела, велат од управата на паркот. Целокупната документација е испратена до органите на прогонот.
–Според првите индиции од терен и разгледувањето на местото на пожарот се гледа дека станува збор за намерно палење. Според наши искуства, најверојатно од некој кој одгледува овци. Знаеме дека ги палат стрништата за да имаат подобра храна за овците по две-три години. Имаме индиции за овој пожар кој е сторителот. Предадено е се до надлежните органи, вели Новески.
Во вториот пожар кој се случил во неделата изгорела приземна вегетација на површна од четири хектари. Службите од паркот нашле траги од правење скара. И за овој пожар имаат индиции за сторителите и се знае точно како започнал. Истрагата е во тек, информира Новески. За среќа пожарите не направиле голема материјална штета, но Новески потсети дека за сите оние кои ќе предизвикаат пожар следуваат големи казни.
–Сакам да ги потсетам луѓето кои безгрижно палат оган, свесно или од невнимание, дека согласно Законот за шуми, казната за палење стрништа, плевели и други растителни отпадоци се движи од 6 000 до 8 000 евра за правни лица и о д 1 500 до три илјади евра за физички лица. Бидејќи се работи за национален парк, казните се за некој проценти и повисоки, предупредува Новески.
Од Националниот парк „Галичица“ велат дека дежурни служби го заштитуваат паркот во текот на 24 часа, што допринесува и за брзо откривање на лицата кои ги предизвикуваат пожарите. Но апелира да се внимава, бидејќи според метеоролошките најави летниот период ќе биде сушен, што ја зголемува можноста за предизвикување пожар.
{loadposition content9}