Во убавините на Галичица уживаше реномираниот фоторепортер од Национална географија, Бојд Матсон
Вљубениците во планина вчера изведоа промотивна тура со која се означи и почетокот на летната сезона на движење на планина.
Промотивна тура на планина преку која се означи почетокот на летната сезона на движење на планина. Оваа тура која се одржа вчера беше во организација на Црвениот крст и со логостичка поддршка на единицата за спасување на непристапни терени и водичи во планина кои се и лиценцирани членови на оваа единица.
Групата која вчера планинареше броеше околу 23 лица, кои без оглед на временските услови се искачија до врвот на Галичица.
„Сите кои што беа речиси се искачија до самиот врв. Малку имаше дожд, но не беше ништо страшно, временските услови беа фантастични. Имавме можност малку да пропешачиме и низ снег. Малку беше облачно немавме добар поглед ама генерално луѓето уживаа и се надевеме дека во иднина ќе организираме уште неколку вакви тури барем за нашите граѓани оние кои никогаш не биле и сметаат дека тоа е нешто страшно и недостижно, да можат да се ослободат и во наша продружба да им покажеме дека планините се наши пријатели,а не непријатели“, вели Антонио Додевски, секретар на ОО на Црвен Крст.
Додевски вели дека нашата култура за движење на планина е на многу ниско ниво и додава дека токму поради тоа нивната намера е да ја подигнат културата на општо ниво. „Сметам дека луѓето имаат нереален страв од непознавање на планината и опасностите кои ги претпоставуваат граѓаните не се такви како што ги замислуваат“, вели Додевски.
Инаку, викендов покрај охриѓани, во убавините на Галичица уживаше и Boyd Matson, еден од водечките патеписци – репортери на National Geographic Explorer. Неговиот престој во Македонија е организиран од страна на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија, во соорганизација со домашната туристичка агенција Macedonia Expirience.
Секретарот на Црвениот крст објаснува дека Членови на единицата за спасување, кои воедно се и водичи во планина и членови на управниот одбор на македнската асоцијација за интернационални водачи, на повик од локална самоуправа, на Matson му презентираа дел од убавините на Галичица.
„Нашите членови беа и актери и презентери на она што охридскиот регион го има особено во делот на промоцијата како што е качување на карпи и слични екстремни активности кои можат туристите да ги изведуваат. Интересот на овој фоторепортер беше токму во оваа насока. Ние презентиравме она што го имаме, за жал многу кратко, кратко беше времето, меѓутоа човекот беше фасциниран и најави дека за скоро време ќе има и друга посета, се надевеме дека направивме добра промоција но повеќе во сова на пријатели“, вели Додевски.
Додевски додава дека Матсон покрај во Охридскиот регион бил и во регионот на Македноски Брод каде што исто со искусните спелеолози влегле во еден спелеолошки објект, а ја посетиле и пештерата Пешна која е симбол на спелеологијата во РМакедонија . Гостинот посетил и културно историски споменици, по што кажал дека е фасциниран од она што го имаме како потенцијал за привлекување на туристи.
„Се надевем дека има снимено добар материјал и дека ќе ја презентира Македонија на еден поинаков начин, за еден поинаков пазар, на кој не сме навикнати да го шириме и промовираме, иако одамна зборуваме за развој на ваков вид на туризам“, вели секретарот на Црвениот крст Антонио Додевски.
{loadposition content9}