Skip to main content

Економија

„Гарантираните цени’ не го подобруваат животниот стандард на граѓаните

Воведувањето на гарантирани цени на основните прехрамбени производи, не го подобри животниот стандард на граѓаните. Од инфлацијата најпогодени се пензионерите, кои се жалат дека едвај врзуваат крај со крај. Дополнително велат дел од трговците не ги ни почитуваат мерките. Според експертите мерките треба да се носат на подолг рок, но напоредно со нив да растат и платите и пензиите.
 |  инфодеск  | 
цени

И покрај воведувањето на гарантирани цени на основните прехрамбени производи, односно намалување од 10%, граѓаните се жалат на високите цени. Велат дека едвај врзуваат крај со крај. Цените на лебот  и пекарските производи, млеко и млечни производи, месото, тестенините се уште се превисоки. Најпогодени се пензионерите со ниски месечни примања.

„По мое мислење европски ги имаат направено цените за овде и за домашните. Пензионер овде тешко да опстане, каде се другите трошоци, струја да дојде данок или други трошоци. Болен ако остане каде? По мое мислење цените се претерано европски Имам поминато во сите продавници и гледам дека некои производи се поскапи и од Германија, Швајцарија”, вели еден граѓанин.

маржи основни производи

Пазарниот инспекторат минатиот месец изврши над 550 надзори. Констатирани беа неправилности за што  беа казнети 32 правни субјекти, затворени беа и маркети во Скопје, Куманово, Кичево, Гостивар, Кавадарци, Тетово и  Струга.

„Јас мислам не ги почитуваат и загарантирани цени каде што пишува дека не ги почитуваат. И некои производи што требаше да се намалат намерно ги нема. На пример овошје по маркетите сега помалку има. На тие што требаше да ги намалат цените па поради тоа ги имаат намерно повлечено од гондолите”, вели една жителка на Охрид.

„Да ви кажам скапо е многу. Како се живее, е па скромно. Јас земам пензија, инаку цените се скапи”, вели друга жителка на Охрид.

За заштита на граѓаните, Владата на 18 септември донесе одлука за воведување на гарантирани цени на 25 основни прехрамбени производи, која важи до крајот на ноември. Експертите велат за ваквите мерки да го подобрат животниот стандард треба да се носат на подолг рок, но и поради глобалниот раст на цените да се зголемат  платите и пензиите.

Новинар Соња Рилковска