Полека се гасне ковачкиот занает во Охрид. Секирите, соровите, ножевите, мотиките и лопатите кои рачно се изработуваат со ковање се помалку се барани. Во работилницата на мајстор Рамис Зејнел, последниот ковач од градот, ударите на чеканот и наковалната од ден на ден стануваат се потивки. Иако ова е период кога се подготвуваат алатите за работа во градините и овоштарниците, купувачи нема, вели мајсторот.
„Моментално во Охрид нема побарувачка. Земјоделието не се работи. Струга се работи. И таму уште неколку години и ќе прекини. Мајстори сме 3, јас и двајца од Дебар, во сабота одиме на струшкиот пазар. Во Охрид никој не влегува во дуќанот“, кажува мајсторот.
Ковачкиот занает во семејството Зејнел е наследен од дедо прадедо. Рамис занаетот го наследил од татко му Усеин врвен мајстор кој потекнувал од Ресен. Единствено на синот Рамис успеал да му ги пренесе тајните на ковачкиот занает. Мајсторот вели иако е единствен ковач кој се бори под налетот на новото време и скудната заработувачка, нема поддршка од држвата. Ковачите во останатите градови се ослободени од дaвачки, но не и мајстор Зејнел. Денeс, по децении работа, за овој занает повеќе нема иднина, кажува мајстор Рамис. Повеќето млади не работат земјоделие, а оние што работат купуваат трактори, вели мајсторот. Ковачкиот занает ќе згасне и ќе замине во историјата како и многу други стари занаети кои ги прегази времето.
„Може да потера уште 3-4 години и умира. Денес никој не е влезен во дуќанот, никој не доаѓа. Во септември – октомври ќе дојдат со секира и една година не доаѓаат. За 200 денари ќе поминат 2-3 години“, вели Зејнел.
Мајсторот со носталгија раскажува дека некогаш само во охридската чаршија постоеле три ковачки работилници на мајсторите Љутви, Куртиш и Јусуф. Во Охрид пак, имало над 12 ковачки работилници и вриело од чираци и калфи. Денес единствено на времето му пркоси само ковачкиот дуќан на мајстор Рамис Зејнел во Кошишта.