Skip to main content

Охридски Комуналец

„Генералки“ за чист и зелен Охрид

Засилени акции за чистење и уредување на Охрид во пресрет на престојните празници и летната туристичка сезона. Општината викендов ја реализира првата генерална акција. Во еден ден беа расчистени 9 диви депонии и беа собрани 260 м3 отпад. Од ЈП „Охридски Комуналец“ велат, ваквите генералки ќе се организираат еднаш месечно.
 |  инфодеск  | 
расфрлано ѓубре на дива депонија

Во пресрет на празниците, засилени акции за чистење и уредување на Охрид. Изминатиот викенд беше организирана првата акција за чистење и справување со дивите депонии. Во неа беа вклучени сите јавни пратпријатија од градот. За само еден ден беа собрани 260 метри кубни отпад, а беа отстранети девет диви депонии.

Од ЈП „Охридски Комуналец“ информираат дека изготвиле акционен план за чистење на Охрид. Согласно планот, еднаш месечно ќе се организираат „генералки“, за Охрид да биде чист и зелен како што доликува.

„Врз основа на налог на општина Охрид, јавното претпријатие „Охридски Комуналец“ изготви акционен план за подигнување и расчистување на девет депонии. Подигнати беа 260 метри кубни отпад. Во акцијата учествуваа сите јавни претпријатија, плус еден економски оператор, ангажиран од општина Охрид. Планираме еднаш месечно да имаме ваква акција организирано со сите јавни претпријатија, се со цел почист Охрид“ – вели Сашо Најдески, директор на ЈП „Охридски Комуналец“.

Охридското комунално претпријатие се подготвува и за престојната туристичка сезона. Треба да се одржува градската хигиена на високо ниво, но потребно е да се работи и на подигнување на еколошката свест кај населението која се уште е на многу ниско ниво.

„Тековно се организираме за празниците и во пресрет на летната сезона. Екипите од работната единица „Паркови и зеленило“ ги уредуваат парковите и хортикултурно се уредуваат парковските површини. Хигиената тековно се одржува и може да кажам дека сме подготвени да излеземе во пресрет. Треба да се работи на подигнување на еко свеста кај граѓаните, да се посветиме на поголема заштита на животнта средина“ – вели Најдески.

Само во изминатите пет месеци, на територијата на општина Охрид исчистени се 320 диви депонии, од кои, 17 распослани на големи површини. Од овие диви депонии подигнати се 1800 м3 отпад. Загрижува тоа што на мапираните црни точки, по нивното расчистување, повторно се трупа отпад од страна на несовесни граѓани.

Новинар Соња Рилковска