Skip to main content

Георгиески денес го најави концептот 365 дена ДЕСТИНАЦИЈА

Кандидатот за градоначалник од СДСМ и Коалицијата, Константин Георгиески денеска го најави концептот 365 ДЕНА ДЕСТИНАЦИЈА, 365 дена можности за сите. Тоа ќе значи поттик за економска активност за локалните бизниси и поголемо задоволство за гостите преку целата година, кажа Георгиески. Додаде дека во таа насока ќе се креира интернет портал и апликација „Цел Охрид на клик“.

 |   | 

Нашата визија за Охрид е 365 ДЕНА ДЕСТИНАЦИЈА, 365 дена можности за сите, порача на денешната прес конференција Константин Георгиески, кандидатот за градоначалник од СДСМ и Коалицијата „Најдоброто за мојата општина“. Овој развоен концепт со огромен потенцијал, за охриѓани ќе значи поттик на економската активност од најмалите до најголемите бизниси, а за гостите задоволство од содржините што им стојат на располагање 365 дена во годината, кажа Георгиески.

Создавањето на вакви можности несомнено ќе донесе развој, поттикнување на постојната и креирање на нова понуда, развој на услуги и сервиси, развој на нови уникатни производи. Оваа динамична приказна, отвора шанса, младата генерација да размислува што да создаде, наместо каде да отиде – кажа Георгиески.

Георгиески посочи дека со цел на гостите да им се овозможи брзо и едноставно да стигнат до информацијата, производот и услугата што им е потребна, работат на дигитализација на понудата и информациите за Охрид. Најави креирање на интернет портал и апликација „Цел Охрид на клик“.

На оваа современа платформа прeдвидено е да бидат излистани сите информации за градот и туристичката понуда, хотели, апартмани, ресторани и кафулиња, малопродажба, авто и воден превоз, туристички водичи, настани, случувања и други важни информации. Преку овој портал, со препознатлив изглед, создаваме едноставен канал за користење на услуги, но и нивна промоција, со што значително придонесуваме за навремена информираност и квалитетна услуга за туристите – кажа Георгиески.

Нашата Предизборна програма е подготвена врз основа на темелни анализи и реални потреби. Нудиме најдобри проекти и политики за подобар напредок на Охрид. Покажавме дека имаме капацитет за реализирање на големи и важни проекти, кажа Георгиески.