Георгиески : Охридските советници имаа успешен 4-годишен мандат
Охридските советници имаа успешен 4-годишен мандат во работата на Градскиот совет е заедничката констатација на денешната свечена седница од завршување на нивниот мандат. „Покажавме високо ниво на меѓусебна комуникација и демократија за просперитет на градот. Во мошне турболентен период за општина Охрид, градските избраници од владејачкото мнозинство и опозицијата, донесовме важни одлуки за функционирање на општината“, кажа градоначалникот Георгиески пред советниците.
„Рационални одлуки, дискусии и меѓусебно почитување го одбележаа функционирањето на градскиот Совет во текот на изминатите 4 години“, истакна градоначалникот Константин Георгиески на денешната свечена седница по повод завршување на мандатот на советот.
Донесовме одлуки за формирање на Јавно претпријатие, решавање на проблемите со колекторскиот систем, многу одлуки во интерес на граѓаните. Честопати знаевме да изградиме и консензус како опозиција и власт. Поминавме турбулентен период за градот, но турбулентен и за мене како личност, почнав како советник, завршив како градоначалник – кажа Георгиески.
Советничката Гордана Коњаноска, координаторка на опозицијата од Вмро Дпмне, рече дека главно обележје на работата на овој Совет е што се водела политичка дебата без политиканство и дневно политичко поентирање. Донеле важни одлуки во надлежност на Советот и во интерес на граѓаните во ковид пандемијата и во тајминг на препораки од Унеско. Се осврна и на горливите проблеми за кои не успеале да најдат решение.
Општината остана со блокирана сметка, не успеавме да донесеме бројни урбанистички планови кои се голем предизвик за следните советници, а кои се единствен начин за да се превенираат нови дивоградби во општината – потенцира Коњаноска.
Живка Ангелоска, претседателката на Советот, напомена дека во изминатите 4 години од работата имале турбулентен и тежок мандат, со мноштво проблеми. Сепак, успеале да донесат многу позитивни одлуки и да создадат поразлична пракса во работата на Советот.
Се случи на седниците на Совет одредени одлуки од предлагачот, градоначалникот, да не бидат донесени. Покажавме дека може да имаме различни мислења и да ја развиваме демократијата. Тие различни мислења ја развиваат демократијата – додаде Ангелоска.
Заедничката констатација на денешната свечена седница која се одржа по повод завршување на мандатот на советниците од овој Совет е дека се донесени важни одлуки за функционирање на општината и охриѓани.