Геријатриското одделение во Охрид се поднови со медицински душеци и машина за перење
Освен тоа, неколку простории се обложени со ламинат и уреден дворот во одделението. Ова е донацијата од социјалното друштво „Свети Наум-Охридски“ од Мелбурн-Австралија.
Геријатриското одделение при Општата болница од Охрид се поднови со 22 медицински душеци, машина за перење, неколку простории обложени со ламинатни подови и уреден двор. Сето ова како донација од социјалното друштво „Свети Наум-Охридски“ од Мелбурн-Австралија кое досега во неколку наврати има донирано во охридската општа болница. Од друштвото велат дека сето ова што го донираат е со цел да се направи поудобен престојот на старите и изнемоштени лица во геријатриското одделение.
„Нема на кого немаме помогнато досега во градот Охрид, во Општа болница Охрид, и на поединци кои сме ги носеле во Австралија да ги лечиме. Мотото на ова друштво е да се помага на изнемоштените, старите лица на кои име потребна помош за подолг и поудобен живот.“-вели Васко Ангелески, претседател на социјалното друштво „Свети Наум Охридски“ од Мелбурн кој заедно со неговото семејство е и донатор на машината за перење и стотина постелнини.
Пратеникот од Австралија во Македонскиот парламент, Васко Наумовски, вели дека и во иднина ќе има вакви донации.
„Сето ова треба да се поздрави, социјалното друштво од Мелбурн, поточно охридското социјално друштво „Свети Наум-Охридски“. Ова не им е ни прва, и мислам дека нема да биде ни последна донација и веќе работиме на повеќе проекти за да има вакви хуманитарни акции и понатаму и во поголемо издание.“-вели пратеникот од Австралија во Македонија, Васко Наумовски.
Директорот на Општата болница од Охрид, д-р Љубен Арнаудов вели дека донацијата на социјалното друштво од Австралија е особено важна од медицински аспект.
„Би сакал да изразам огромна благодарност до социјалното друштво „Свети Наум-Охридски“ од Мелбурн. Ние долго време соработуваме во рамките на нашите планови и оваа донација, посебно би истакнал за оваа донација се важни тие анти-дегубитални душеци. Геријатриското одделение претежно пациентите се стари и изнемоштени, во тешка состојба, така да многу е важно, медицински, да има такви анти-дегубитални душеци кои превенираат отворање на рани при лежење. Тоа е особено важно од оваа донација.“-рече директорот на Општата болница-Охрид, д-р Љубен Арнаудов.
Од името на општина Охрид благодарност до донаторите упати заменик-градоначалникот, Ангел Јанев.
„И денес посебна чест и задоволство ми е во името на општина Охрид и градоначалникот да ги поздравам гостите од Австралија, пратеникот од Австралија во македонскиот парламент, домаќините, и во името на Охрид да се заблагодарам за оваа донација. Ќе потсетам дека оваа донација не е прва нивна донација. Тие постојано се хуманитарно присутни во градот Охрид.“-изјави заменик-градоначалникот, Ангел Јанев.
Инаку освен донираните работи за геријатриското одделение, социјалното друштво од Мелбурн-Австралија, на штитениците од одделението им приреди и вистинско музичко изненадување во името на групата „Билјана Јуниор“ кои им засвирија по една убава староградска песна.
{loadposition content9}