Утринава Охрид се разбуди со стотици еко торби поставени на разни локации низ градот.
Стотици еко торби со QR-код поставени низ Охрид! Станува збор за герила еко акција организирана од страна на СУП Клуб Охрид.
„Целта на оваа герила акција е да ја подигнеме свеста за намалување на пластика за еднократна употреба на еден симболичен начин, воедно и да ја започнеме акцијата за чистење на отпад од плажите која ќе трае до 21 јуни.“-објаснуваат од СУП Клуб Охрид.
Првиот ден од летото 21 јуни, кој е и прогласен за Ден на Охридско Езеро, ќе биде обележан со една голема Супер Чистка – акција која традиционално се одржува веќе шеста година по ред.
Изминатите години СУП Клуб Охрид организираше бројни волонтерски акции – “Супер Чистки” преку кои нудеа бесплатни обуки и сите учесници добива СУП или кајак со цел да се исчистат места кои се достапни само по вода.
За да го зголемат ефектот оваа година тие повторно ги повикуваат сите да си ја исчистат својата омилена плажа, а секој кој ќе го направи тоа добива гратис возење со СУП или кајак.
СУП Клуб Охрид има една цел а тоа е да нема повеќе пластика во езерото, воедно со тоа заедно да ги изградат еколошките навики и развојот на одржлив туризам. #ЗаЧистОхрид.
Повеќе детали: www.supohrid.com