Германски експерт смета дека депонија во сливното подрачје на езерото е грешка
Изградба на депонија во сливното подрачје на Охридското езеро со застарена технологија од пред 30 -40 години е рамна на самоубиство. Ова е уште еден аргумент против изградбата на регионална депонија во Годивје. Пораката доаѓа од светски познатиот експерт за енергетика Манфред Шуберт со кој градоначалникот на Дебрца остварил средба.
Зоран Ногачески, градоначалникот на Дебрца има нов аргумент со кој ќе го разубедува министерството за животна средина да не се гради регионална депонија во Годивје туку да бара друга локација во Југозападниот плански регион. Ногачески деновиве остварил средба со Манфред Шуберт, светски ескперт за енергетика кој има проектирано голем број фабрики за рециклирање и третман на отпад во Германија и светот. Градоначалникот го запознал експертот со решението дадено во Студијата за оценка на влијанието на животното средина за изградба на региоаналната депонија во Годивје.
„ Од негова страна ми беше потенцирано дека технологија што таму се нуди е застарена од пред 30 -40 години . Таа не одговара на денешните светски стандарди кои се применуваат во третманот на отпад“, посочува Ногачески.
Со неговата експертиза само се потврди нашата заложба да се напушти идејата за изградба на регионална депонија за Југозападниот плански регион во сливното подрачје на Охридското езеро, вели Ногачески.
„Се обидуваме да докажеме дека она што се нуди во Дебрца не е правото решение. Сега и ова мислење на експертот Манфред Шуман е уште еден аргумент со кој сакаме да докажеме во дебата со ресорното министерство дека тоа решение не може да помине. Од негова страна беше кажано за локацијата во сливното подрачеј на Охридското езеро дека би било вистинско самоубиство“, го цитираше Ногачески мислењето на експертот.
Владата го задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање да го продолжи процесот за преговарње, но ние сме сигурни дека со аргументите ќе ги разубедиме да ја напуштат идејата за изградба на депонијата во Годивје, вели Ногачески. Решението за изградба на регионална депонија за Југозападниот регион ќе мора да бараат надвор од сливното подрачје на Охридското езеро, дециден е градоначаникот на општина Дебрца.