Skip to main content

Охридските гимназијалци се вклучија во кампањата за поддршка на лицата со ретки болести

Младинската заедница при гимназијата „Св. Климент Охридски” организираше настан по повод одбележувањето на месец февруари – месец на ретките болести насловен GIVE ME FIVE. Средношколците насликаа мурал и одржаа работилница за изработка на едукативни хамери со цел подигнување на свеста кај младата популација за предизвиците со кои се соочуваат лицата кои страдаат од ретки болести.
 |  Маја Савиќ  | 

По повод одбележувањето на месецот на ретките болести Младинската заедница при гимназијата Св „Климент Охридски“ реализираше настан насловен GIVE ME FIVE. Средношколците насликаа мурал на ѕидот на спортската сала и одржаа работилница за изработка на едукативни хамери.

Целта ни е да ја поттикнеме младата популација да се запознае со предизвиците на лицата кои страдаат од ретки болести и да им покажеме дека секој може да направи разлика со малку разбирање и солидарност, вели претседателот на младинската заедница, Иво Георгиески.

Овај настан е целосна иницијатива на учениците, т.е на Младинската заедница при нашата Гимназија. Ние со овој настан, со сликање на мурал како и со работилница за изработка на хамери, имаме цел да ја поткрениме свеста за ретките болести како и да се придружиме на кампањата за ретките болести. Ги повикавме сите гимназијалци да учествуваат на овој настан и сме задоволни од одзивот што го добиваме. – изјави Иво Георгиески – Претседател на Младинска заедница при ОСУ „Св. Климент Охридски“.

Преку уметност и заеднички активности охридските гимназијалци испратија порака дека болeста може да биде ретка но емпатијата, солидарноста и поддршката треба да бидат постојани.

– Јас денеска се вклучив во кампањата за ретките болести со што покажуваме љубов кон децата кои живеат со ретка болест, вели Христина Волканоска

-Се вклучив во денешната кампања по повод месецот на ретки болести во нашата гимназија. Денес обојуваме раце што симболизира дека за само 5% од ретките болести има некаков лек. Сакам да порачам дека ние како заедница треба да сме свесни за луѓето кои боледуваат од ретка болест, кажа Јана Ѓореска.

-Мене ме мотивира да го нацртам овај цртеж тоа што има многу луѓе со ретки болести, децата многу страдаат и јас со ова сакам да влијаам на свеста кај младата популација дека такви болести постојат. Овие луѓе се многу горди, се силни и заедно сме посилни, порача Анастасија Атесленко.

-Моја мотивација да учествувам во оваа акција е мојот другар кој има ретка болест и главната причина за која се вклучив е дека треба да ја подигнеме свеста дека треба да помагаме и дека ретките се важни, кажа Димитар Велкоски.

Учениците како и секогаш, имаа поддршка од наставниот кадар. Горди сме на нивните иницијативи и активности кои нема да останат само на овај настан туку ќе продолжат во текот на цел февруари, вели педагогот Кристина Танеска која е и координаторка на младинската заедница.

Ќе следат и низа други активности. Една од нив е презентација, како воспитно-образовна институција нашата цел е да ги едуцираме младите и преку тие презентации ќе ги едуцираме младите за ретките болести, зошто баш месецот февруари, видовите ретки болести и како да дадат поддршка и да се изградат во општествено одговорни граѓани.“ – кажа Кристина Танеска, педагог.

Од Младинската заедница на гимназијата упатија јавна благодарност до здружението „Ретко е да си редок” и претседателката Гордана Лолеска, за нивната посветеност во борбата гласот на ретките да биде слушнат.

Одбележувањето на светскиот Ден на ретките болести и кампањите по тој повод даваат придонес во подигнување на јавната свест со цел да се доближат проблемите и предизвиците со кои се соочуваат пациентите и нивните семејства, до јавноста и институциите и во однос на застапување и лобирање за правата на овие лица. Избран е месецот февруари бидејќи е специфичен по своите 28 или 29 дена.