Главниот влез на училишната зграда на ОУ Братство Единство е сериозно оштетен
Главниот влез на училишната зграда на ОУ Братство Единство е сериозно оштетен. На први септември влезната врата ќе биде затворена, а учениците ќе влегуваат на споредната врата. Влезот е небезбеден, а тендерската постапка за санација на објектот од земјотресите е сеуште во тек.
На први септември учениците од централниот објект на ОУ „ Братство Единство “ ќе влезат од задниот влез на школото. Советот на родители и управата на школото на овој потег се решиле заради безбедност на учениците. Одлучиле да се затвори главниот влез во централната училишна зграда заради напукнувања на носечкиот столб над влезот. Пропаднати се и надворешните скали кои водат до влезната врата. Оштетувањата се од серијата земјотреси кој го зафатија Охрид во јуни и јули, а посериозни оштетувања претрпеа главниот влез и фискултурната сала. Санација и поправки на училишниот објект се уште нема.
Во меѓувреме училиштето распишало тендерска постапка за санација на штетите 40 дена по земјотресите. Комисијата за проценка на штети при увидот во школото констатирала материјална штета во висина од околу 750.000 денари. Но, сега најпрво ќе се санираат штетите кои се најприоритетни во висина од околу 455.000 денари.
Од Локалната самоуправа денес го игнорираа нашето прашање до каде е постапката за санација на штетите во школото и дали објектот е безбеден за учениците кои за неколку дена треба да се вратат во училишните клупи. На 7 дена до почетокот на школската година одлучија да молчат и за информации не упатија да го користиме Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, според кој да одговорат имаат рок и до 60 дена .
Како што дознава ТВМ, допрва се очекува увид да направи и Комисија од ИЗИИС која ќе даде стручно мислење за сериозноста на настанатите оштетувања.
Инаку, во прво одделение во двата објекти на ОУ Братство Единство во Лескајца и Крст Џамија треба да тргнат 103 првачиња кои ќе учат на три наставни јазици македонски , албански и турски. Во школата кај Крст Џамија се запишани 45 првачиња , од кои 26 ќе бидат во паралелка на македонски јазик, а 19 ќе бидат во паралелка на турски наставен јазик.
Централната зграда каде што е сместено ОУ „Братство и Единство“ е една од најстарите во градот изградена во далечната 1948 година.