Skip to main content

Глобочани започнаа да ја градат црквата Св. Илија

Жителите на селото Глобочица, сместено  на брегот на Глобочичкото вештачко езеро, поставија темел  на црква посветена на Пророкот Св. Илија. Новата црква ќе биде лоцирана веднаш на самиот брег во близина на некогашната. 

 |  Валентина Нелоска  | 
Globocica
Globocica

Жителите на селото Глобочица, сместено  на брегот на Глобочичкото вештачко езеро, поставија темел  на црква посветена на Пророкот Св. Илија. Новата црква ќе биде лоцирана веднаш на самиот брег во близина на некогашната.  Со овој православен храм Глобочичани  продолжуваат да ја негуваат традицијата на прославување на селската слава Св. Илија која е прекината со изградбата на вештачкото езеро Глобочица на реката Црн Дрим.  Со подигањето на хидроцентралата Глобочица селото беше потопено во далечната 1964 година. „Со овој зафат и старата селска црква  остана под водите на езерото, а ние сакаме православната традиција да продолжи и да незгасне„, вели Сандре Попоски претседателот на Месната заедница и член на иницијативниот одбор, за нивниот мотив да изградат нов православен храм. Попоски објаснува,  „Во септември  1964 се иселивме од ова место, остана само црквата во водата, мртвите ги откопавме и повторно ги закопавме во Струга. Црквата што беше потопена беше  изградена во 14-15 век, но  ние сакаме да ја обновиме за нас и нашите поколенија. Без црква не се може, таа ги врзува и постарите и помладите“, нагласува Попоски.

GlobocicaСелото Глобочица некогаш броело  500 жители со околу 90 куќи. Сега, скоро 5 децении по изградбата на браната и вештачкото езеро и потопувањето  на селото, има над 40 ново изградени викенд куќи. Помладите, вредни Глобочичани ги обновуваат прадедовските огништа. До селото се доаѓа од два патни правци, од едниот локален кој води кон Малесија, и по другиот регионален Струга-Дебар. Изѕидале и прикладни пристаништа  од каде што se поаѓа и доаѓа со чамци и речен сплав. Помладата генерација Глобочичани ја поддржува иницијативата и е вклучена активно во изградбата на црквата Св.Илија која ќе се гради  со сопствени средства од селото и со донации од верниците. Влатко Цветаноски, припадник на помладатa генерација, се надева дека многу наскоро ќе има и осветување на црквата.

Селото Глобочица, и Езерото кое е лоцирано на реката Црн Дрим,  се наоѓаат на околу 20 км северозападно од Струга. Браната изградена на Езерото во нејзината круна е долга 200 м на надморска висина од 692 м.  Езерото е порибено,  долго e 12 км со површина од 2,7 км2 и со акумулација на вода од 58 милиони м3.

{loadposition content9}