Skip to main content

Инклузивна екологија

Здруженија на глуви и наглуви од земјава и странство го раззеленија паркот и брегот на Охридското Езеро кај х. Далјан

За зелено облагородување на просторот се садеа борови, жални врби, елки и јапонски цреши. Но, покрај тоа во рамките на проектот има и обуки и предавања за подигнување на свеста за заштитата на животната средина кај лицата со попречености.
 |  инфодеск  | 

Глувите лица од земјава и странство садеа  дрвја во паркот  на хотелот Далјан и на брегот на Охридското Езеро. Акцијата е дел од проектот Инклузивна екологија, под мотото „Да оставиме зелена трага”.  Големиот број млади садници ќе го збогатат зеленилото во паркот кој пред четириесеттина години го создале Здруженијата на глуви и наглуви.

Целта е подигнување на јавната свест и развој на капацитетите за заштита на животната средина на Здруженијата на лица со попреченост.

„ Акцијата е садење на дрвја во околината на хотелот Далјан. Сакав да покажам дека и во светот на попреченоста свеста за потребата од зеленило, за чист воздух, е присутна  исто така дури и може да речам дека е и на повисоко ниво од нашиот свет. Ова сето зеленило што го имаме околу хотелот далјан е резултат токму на активностите на глувите луѓе и на садењето на дрвја од страна на генерациите пред нас. Дрвјата околу Далјан се насадени околу 1981 година со акција на Здруженијата на глуви и затоа го имаме овој рај ова убаво зеленило”, вели Славица Стефаноска секретар на Здружението на глуви и наглуви во Охрид.

За зелено облагородување на просторот се садеа борови, жални врби, елки и јапонски цреши. Но, покрај тоа во рамките на проектот има и обуки и предавања за подигнување на свеста за заштитата на животната средина кај лицата со попречености.

„Меѓутоа на начин кој што е прифатлив и разбирлив во светот на попреченоста. Да проговориме со нивниот јазик, конкретно денеска е настанот за сите лица кои сакаат да учествуваат во оваа акција садат дрвја. Секој град ќе посади дрво и така ќе остави свој спомен и секако кога ќе дојдат повторно во далјан ќе му биде драго да си го види своето дрво”, додава Стефаноска.

Инклузивна екологија е проект мал грант од  Глобалниот еколошки фонд и се спроведува заедно со Здружението за локален развој од Струга и хотелот  Далјан.

Новинар Соња Рилковска