Глувите и наглуви лица од Охрид и Струга гледаа театарска претстава на знаковен јазик
Глувите и наглуви лица од Охрид и Струга имаа чест за прв пат да гледаат професионална театарска претстава на знаковен јазик. Станува збор за претставата „Улаф сте“, која ги обработува проблемите на младите и фактот дека населението се иселува од државата. Авто цензура која е присутна од стравот да се кажат јасно и гласно општествените проблеми. Претставата е во продукција на битолскиот АТО Центар за современа уметност и култура.
Прва професионална претстава на македонски знаковен јазик за возрасни лица со оштетен слух и на говорен македонски јазик за љубителите на театарската уметност, се одигра и во Струга.
Од центарот за култура „Браќа Миладиновци“ од Струга информираат дека интересот за претставата бил огромен. Била организирана посета од страна на здруженијата на глуви и наглуви лица од двата града, а интерес за претставата имало и од огромен број индивидуални посетители, кои имаа можност да се запознаат со убавините и богатстото на Македонскиот знаковен јазик, кажа директорката на центарот, Николина Велкоска Глигоровска.
Претставата ги обработува проблемите на младите и фактот дека населението се иселува од државата. Авто-цензура која е присутна од стравот да се кажат јасно и гласно општествените проблеми. Приказната се раскажува низ призма на глувонемата заедница, во која актерите во име на глувите лица, без цензура, ги раскажуваат сите општествени неправди кон оваа ранлива категорија граѓани. Стандардизација на македонскиот знаковен јазик и поголеми права за лицата со оштетен слух се пораките на оваа прва, професионална претстава на знаковен јазик за возрасни во продукција на битолскиот АТО – Центар за современа уметност и култура.
Станува збор за дејствие кое ја следи љубовната приказна на Дамјан кој нема проблеми со слухот и Сара која не слуша. Првиот предизвик со кој се соочуваат е неприфаќањето на нивната врска од средината, исмејувањето, сè до оној момент додека љубовната приказна меѓу овие млади луѓе не заврши, осудени од општеството, да живеат во паралелни светови. Неговиот свет на музиката, а нејзиниот свет на тишината. Автор и Режија на претставата „Улаф сте?“ е Јован Ристовски, толкувач на знаковен јазик Катерина Шаркоска, асистент Елизабета Георгиева. Соработник за знаковен јазик Мартин Ангелов.