Skip to main content

Годинава ќе продолжат акциите за отстранување на мрежи духови од Охридско Езеро

И годинава ќе продолжат акциите за отстранување на напуштените или изгубени риболовни мрежи од Охридското езеро. Редовното чистење на овие таканаречени мрежи духови е од огромно значење за зачувување на уникатниот екосистем на езерото.
 |  Маја Савиќ  | 
Мрежи Духови

ЈНУ Хидробиолошки завод во соработка со нуркачкиот центар „Амфора“ и меѓународната фондација Healthy Seas и годинава ќе продложи со акции за чистење на Охридското езеро од мрежи духови. Овие напуштени или изгубени риболовни мрежи претставуваат значителна закана по екосистемот на езерото кое е под голем притисок од загадувањето и човековото влијание. Во последниве години, беа иницирани акции за решавање на проблемот со мрежите духови во Охридското Езеро. Во 2017 година беа извадени импозантни 14 км мрежи, во 2023 се извадени околу 2 км, а поледната нуркачка акција беше спроведена во октомври лани.

Беа извадени 85 мрежи токму од природните рибни плодишта на охридската пастрмка со што резултира повторно враќање на матиците, на единките кои се репродуктивно спремни за природниот мрест на охридската пастрмка да можат да ги користат истите локалитети кои вековно биле нивни. Оваа активност од минатата година ќе се трудиме да стане традиционална. Планирани се активности и за оваа година и тоа со двојно финансирање, од една страна преку Министерството за земјоделство. Шумарство и водостопанство преку Програмата за поддршка на рибарството и аквакултурата, а од друга страна и нашите партнери меѓународната фондација Heаlthy Seas.“ – вели Душица Илиќ Боева- ЈНУ Хидробиолошки Завод Охрид.

Отстранувањето на мрежите духови од природните плодишта на охридската пастрмка и белвица нуркачите го вршат со софистицирана опрема на длабочина од 5 до 70 м. Редовните акции за чистење се клучни за спречување на акумулацијата на мрежи духови.

„Имајќи предвид дека треба почесто такви акции да се прават ние се вклучивме заедно со меѓународната фондација Healthy Seas, ЈНУ Хидробиолошки завод и сите оние кои помогнаа. Секоја година имаме вадење по дел рибарски мрежи, но сепак за еден пообемен проект, бидејќи сведоци сме дека постојат се уште, за пообемен проект треба добро финансирање и подолготрајна работа. Ние ги детектираме прво мрежите , колку се, каде се и на која длабочина и со посебна опрема за нивно вадење ги отстрануваме.– вели Милутин Секулоски – Нуркачки центар „Амфора“.

Најприсутни се мрежи со димензии на окца за ловење белвица и пастрмка кои се комерцијално најатрактивни за лов, а ги има и оние за крап. Но во нив се заплеткува се што ќе помине покрај нив и низ нив, од риби, краби и ракови, птици како мал корморан и норкач, па се до отпад, што ги прави сериозен проблем за езерскиот екоситем. Независно колкави се напорите на македонската страна во заштитата на кревкиот екосистем успех може да се постигне само доколку такви мерки се спроведуваат билатерално односно и на албанскиот дел.

„За мрежите духови ништо не е направено од таа страна, а проблемот е двоен, секаде ги има. Можеби поради циркулацијата на водните струења повеќе се акумулираат на наша страна заради супстратот, повеќе каменет супстрат има на источниот и југо-источниот брег, но од друга страна се она што би требало да се спроведе како активност за заштита, не само на пастрмските видови туку на целиот рибен фонд во Охридското езеро потребно е да се превземат билатерални активности и мерки. “ – вели Илиќ Боева.

Отстранувањето на мрежите духови е само еден чекор кон зачувување на уникатниот екосистем на Охридското Езеро. Потребни се континуирани напори за едукација на рибарите и локалната заедница за штетните ефекти на овие мрежи.