Годинава која е пред нас ќе биде просперитетна за Охрид
2018та ќе биде година на многу проекти од интерес на граѓаните, транспарентно работење и ефикасност на администрацијата, вели градоначалникот Јован Стојаноски. Не чека многу работа и залагање за да се исполни ветеното, додава тој.
Годинава која е пред нас ќе биде просперитетна за Охрид, вели градоначалникот Јован Стојаноски. После 2017та која беше конфузна година, година на формирање на нова влада, локални избори, оваа година треба да биде помирна и постабилна, додава градоначалникот. Тој како прв човек на градов заедно со општинската администрација имаат цел да го направат Охрид поубаво место за живеење.
Се надевам дека 2018та ќе ја поминиме онака како што планираме ние како нова локална самоуправа, а тоа е со правилно буџетско планирање, правилни буџетски програми и транспарентно работење. Веќе кон септември-октомври граѓаните треба да знаат што ќе ги очекува за наредната година, вели Стојаноски.
Градоначалникот во оваа година посакува конструктивна опозиција која ќе си ги кажува своите ставови и ќе биде коректор на власта, а општинската администрација да биде поефикасна и поблиску до граѓаните.
Имаме поддршка од централната власт, но кога дојдовме на власт немавме готови проекти со кои можевме да настапиме за да бараме финансиски средства за остварувањето на сите проекти, вели градоначалникот.
2018та ќе биде година на изработка на проекти од интерес на граѓаните со кои ќе настапиме пред централната власт, но и пред меѓународните донатори и фондации, вели Стојаноски. Веќе се работи интензивно на некои поприоритетни проекти, а посебно оваа година ќе се даде приоритет на заштитата на животната средина.